Рускоска до новинарите: Прашајте ја судијката зошто јавноста беше исклучена од рочиштето за „Рекет“

од Aleksandar Todeski

Иако вчера кажа пред новинарите дека јавноста нема да биде исклучена од рочиштето за „Рекет“, бидејќи во доказите нема ништо сензибилно и спорно, обвинителката Вилма Рускоска денеска се предомисли, па предложи на судот доказите да се објавуваат во отсуство на медиумите.

Судечкиот совет пак, при советувањето донесе одлука јавноста да биде исклучена бидејќи по наводи од обвинителството во снимките може да им се наруши угледот на лицата кои не се инволвирани во ова обвинение, а се споменуваат.

Рускоска по завршувањето на рочиштето ги избегна медиумите, а на прашање на новинарите зошто јавноста била исклучена наспроти нејзината вчерашна изјава дека ќе бидат присутни, таа во одење рече „Прашајте си ја судијката Васка Николовска-Масевска“.

Адвокатите на обвинетите пак, тврдат дека во снимките немало нешто со што би бил нарушен нечиј углед, освен за една аудио снимка, за која и адвокатката на второобвинетата Катица Јанева, Ирена Фрчкоска, рече дека смета дека само за таа би требало да биде исклучена јавноста.

Рочиштето за „Рекет“ продолжува во четврток во 10:00 часот со искази на сведоци од одбраната.

И.Р.

Слични содржини