Руското злато на удар на новите санкции од ЕУ?

од Nikola Popovski

Лидерите на ЕУ ќе продолжат да вршат притисок врз Русија со тоа што ќе се обврзат на понатамошно проширување на санкциите, кои би можеле да го вклучуваат руското злато, се вели во нацрт-документот подготвен за усвојување на самитот на ЕУ оваа недела во Брисел, до кој Ројтерс имал пристап.

– Работата на санкциите ќе продолжи, вклучително и зајакнување на имплементацијата и спречување на заобиколување (санкциите), ќе кажат лидерите на ЕУ на крајот од редовниот самит 23-24. јуни, според најновата верзија на нивните нацрт-заклучоци од 20 јуни.

Лице запознаено со санкциите изјавило за Ројтерс дека Европската комисија работи на додавање на златото во евентуалната следна рунда рестриктивни мерки, иако сè уште не е јасно дали таа мерка би можела да го забрани извозот во Русија, увозот од Русија или и двете.

-Златото е клучен имот за централната банка на Русија, која се соочи со ограничувања за пристап до некои од нејзините средства кои се чуваат во странство поради санкциите на Западот, наведува британската агенција.

Лидерите на ЕУ, исто така, ќе се согласат да ги забрзаат плановите за финансирање на реконструкцијата на Украина и да ги земат предвид новите итни фондови до девет милијарди евра, кои ЕК ќе ги претстави наскоро, се вели во нацртот.

Според документот, лидерите на ЕУ се исто така подготвени да се залагаат за нова воена поддршка за Украина.

Официјалните лица рекле дека новата воена поддршка за Украина може да изнесува најмалку половина милијарда евра, покрај веќе одобрените две милијарди.

ЕУ усвои шест пакети санкции против Русија и Белорусија од почетокот на конфликтот во Украина, но неколку сектори, вклучително и гасот, остануваат главно недопрени, бидејќи владите на ЕУ избегнуваат мерки кои можат да ѝ нанесат поголема штета на нивната економија отколку Русија.

Слични содржини