Русковска: Доколку „бомбите“ се од јавен интерес може да се користат како докази во постапките

од Viktor Jovanov

Обвинителите од СЈО доаѓаат кај нас, ни реферираат ако има нешто за реферирање. Освен предметите за кои веќе има постапка, за сите други предмети јас имам назначено обвинители од обвинителството со кое раководам да работат заедно на предметите со обвинителите од СЈО, изјави шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Во однос на тоа дали нелегално прислушуваните разговори ќе бидат „докази“ во предметите од СЈО, Русковска вели дека во Законот за ЈО стои дека тие треба да бидат индиции, но исто така стои дека обвинителството треба да почитува одлуки и пракси од Европскиот суд на човекови права и други меѓународни судови, а како што вели, таму има пресуди каде се прифатени како докази нелегално стекнати материјали.

-Членот 4 од Законот за Јавно обвинителство предвидува дека ние сме обрзани да ги почитуваме правосилните пресуди и одлуки на Европскиот суд на човекови права и други меѓународни судови. Има правосилни пресуди од Стразбур каде се наведува дека доказите кои се нелегално стекнати, доколку се од јавен интерес можат да бидат докази. Оваа одредба е во спротивност со членот 4 од Законот за ЈО, вели Русковска.

Обвинителката додава дека судот е тој што прифаќа или одбива докази. Но тие како обвинителство ќе побараат аргументи од пресудите во Стразбур каде како докази биле прифатени противзаконски стекнати материјали, со цел „бомбите“ да бидат прифатени како докази од страна на Кривичниот суд.

-Дали нешто ќе биде прифатено како доказ или нема да биде прифатено зависи од судот. Обвинителството само предлага докази, а судот е тој што ги прифаќа тие докази или не ги прифаќа. Ги бараме овие пресуди од Стразбур за да бидеме подготвени од 1 јуни годинава да може да аргументираме зошто сите докази ги предлагаме, вели Русковска.

Слични содржини