Русковска: Јакимовски не е амнестиран со донесувањето на новиот Закон за дивоградби

од Nikola Popovski

Обвинителството за организиран криминал и корупција го товари претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски за злоупотреба на службена положба и овластување, така што тој не е амнестиран со донесувањето на новиот Закон за дивоградби, изјавила обвинителката Вилма Русковска за „А1 он“.

Според неа, ако Јакимовски се гони за бесправно градење, а донесениот закон предвидува запирање на тие постапки, тогаш процесот си продолжува со гонење по кривичното дело за злоупотреба.

Дел од медиумите објавија дека новиот закон е протолкуван како ослободување од обвинение за поранешниот градоначалник на општина Карпош.

„Токму Јакимовски е еден од оние што ќе имаат директна полза од членот 41 од новоусвоениот закон, бидејќи за него се води судска постапка токму за бесправно изградени објекти со намена опишана во законскиот текст. Основното јавно обвинителство за гонење органзиран криминал и корупција во октомври 2019 година поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои првообвинет е Јакимовски за злоупотреба на службената положба и бесправно градење“, објавија медиумите.

Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ, партија чиј претседател е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Дополнетиот закон вчера ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ.

Слични содржини