Русковска останува суспендирана

од Берта Китинска

Советот на јавни обвинители денеска едногласно ја одби како неоснована жалбата за суспензијата на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски кажа дека Скопското обвинителство треба што побрзо да ја заврши постапката по кривичната пријава за да не трае долго суспензијата на Русковска.

„Основот е само за кривичната постапка, додека ги обезбедат доказите во ОЈО Скопје. Дел се обезбедени, дел се побарани, мислиме дека таа постапка брзо ќе заврши и ова оддалечување нема да трае долго време“, рече Јолевски и додаде дека ваквите постапки траат најмногу до 60 дена.

На 16 август, Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на поранешниот директор на Финансиска полиција Арафат Муареми.

При поднесувањето на жалбата до Советот на јавни обвинители на 19 август, Русковска кажа дека нејзината суспензија значи суспензија на правото и правдата и предвидува дека ова што ѝ се случува нејзе ќе влијае на работата на нејзините колеги обвинители.

Слични содржини