Рустеми: Јанева побара да се утврди штетата во „Поштенска банка“, да се исплати истата и обвинетите да не добијат затворски казни

од Vladimir Zorba

Предметот „Поштенска банка“ ми беше доделен од страна на поранешната Специјална јавна обвинителка со оглед на тоа што имав повеќе време. Предметот се отвори од еден разговор од материјалите, а го работевме една година. Во октомври 2018 година отворивме истрага и следуваа барања за мерки притвор, но судијата на претходна постапка одлучи на тројцата осомничени да им се определат мерки за претпазливост, сведочи во „Рекет“ обвинителот Бурим Рустеми.

„Следуваше подготовка за предлози за замрзнување на имоти на дел од осомничените, за Томе Главчев и Ратко Димитровски. Беше утврден нивниот имот кој го поседуваат тие и нивните компании и се подготвуваа предлозите да се забрани отуѓување. За еден стан кој се наоѓа во Скопје, сопственост на едно од друштвата на Томе Главчев, Катица Јанева побара истиот да се тргне од замрзнување зошто тој бил продаден на нејзини пријатели и со тоа би нанеле штета на купувачите. Јас го сторив тоа“, кажа Рустеми.

Обвинителот сведочи дека имало предлози за враќање на пасоши. Јанева побара на Главчев да му се врати пасошот, до гаранција од еден милион евра.

– Во дискусија со колеги, одлучив дека била во ред замената имајќи ја предвид висината на сумата, сподели Рустеми.

Рустеми кажа дека по неколку месеци, во разговор со Лиле Стефанова, која го знаела моментот со враќање на станот на Томче Главчев, бидејќи била присутна кога Јанева го побарала тоа од него, му кажала дека најверојатно сопственик на станот е ексдиректорот на ЕЛЕМ, Сашо Василевски, што за него не било пријатно.

„Јанева не интервенираше за тоа кој да биде опфатен во предистрагата. Начелното правно мислење на Врховниот суд предизвика хаос, затоа што тајмингот и начинот на донесување беше како амнестијата на Иванов. Се отвори дилема како да постапуваме по предметите отворени по 18 месеци, а еден од предметите беше и „Поштенска банка“. Ние колективно одлучивме дека рокот не важи, а Судот го прифати тоа. На еден неформален состанок со Катица Јанева, таа кажа дека размислува да се утврди штетата во „Поштенска банка“, да се исплати истата и обвинетите да не добијат затворски казни. Ова ме збуни и размислував за позадината на ова размислување. Претпоставував дека сака да се повика на начелното мислење на Врховен суд и да ги затвори предметите, тоа ми изгледаше логично. Во средина на април на еден колегиум, Катица Јанева го повтори размислувањето и кажа дека така треба да се постапи во „Поштенска банка“ и „Империја“. Без да се произнесеме го затвори состанокот и побара извештај за штетата, за обвинетите да не одат во затвор“, рече Рустеми.

Тој кажа дека освен штетата, ги пишал и предвидените затворски казни, по што не дискутирал со Јанева на таа тема.

„Можно е извештаите, мојот и на колешката Лиле Стефанова ја премислиле да не донесе јавнообвинителска одлука. За предлозите за притвор имавме согласност од Катица Јанева, во тој поглед немавме различни размислувања. За враќањето на пасошот на Главчев имавме различни размислувања“, рече обвинителот.

Бурим Рустеми кажа дека вршеле претреси во друштвата на обвинетите и биле одземени документи и телефони.

Прашања кон сведокот Рустеми немаа бранителите на двајцата обвинети, по што судијката соопшти дека утре продолжува судењето.

А.Т.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини