С. Македонија напредна според Индексот за перцепција на корупцијата: „Успехот ќе биде реален кога нашите граѓани ќе бидат задоволни“

од Nikola Popovski

Северна Македонија напредна до 85 место со 40 индексни поени на најновата листа на Транспаренси интернешнл, која што го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава година напредувала две места во споредба со минатогодишното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за еден поен.

Според Индексот на перцепција на корупција за 2022 година, Северна Македонија ја дели 85. позиција со Тунис, Суринам, Индија, Гвајана и Малдиви.

Дел од експертската јавност го прокоментираа ваквиот напредок. Судијката и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска во разговор за „Локално“ го поздрави искачувањето на најновата листа на Транспаренси.

Според неа, напредокот е мал чекор, но сепак значи нешто.

-Се работи на тоа барање и секако треба да се поздрави и да претставува одреден поттик за понатаму во борбата против корупцијата, кратко ни одговори Николовска.

Професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева исто така смета дека секој напредок треба да се поздрави. Сепак во разговар за „Локално“ прашува дали е тоа доволно.

-Ни оддалеку. Успехот ќе биде реален тогаш кога нашите граѓани ќе бидат задоволни, кога нема да се чувствуваат изманипулирани и онеправдани од сопствената држава. Каков успех се двете места погоре на листата на Транспаренси, кога се уште по партиски критериуми се местат и (не)избираат уставни судии во државава?, потенцира Павловска-Данева.

Таа посочува дека има нешто многу поважно од нашето рангирање.

-Поважно од нашето редно место на разни ранг листи, поважно од исходот на преговорите и констатациите во меѓународните извештаи е внатрешното чувство на доверба во институциите и лојалност кон државата што, за жал, долг низ години отсуствува кај граѓаните на Македонија, истакнува професорката.

Во однос на другите земји од регионот, полош резултат од Македонија имаат Албанија и Србија (101), додека пред Македонија се наоѓаат Косово (84), Бугарија (72), Црна Гора (65), Хрватска (57), Грција (51) и Словенија (41).

Овогодишните податоци посочуваат дека мнозинството земји во светот не успеваат да ја сопрат корупцијата. Повеќе од две третини од државите имаат Индекс помал од 50 поени. Во споредба со 2012 година, дури 155 држави немале никаков значаен напредок во справувањето со корупцијата или пак назадувале.

Н.П.

Слични содржини