С.Македонија напредуваше за 11 места на Глобалниот индекс за мир

од Vladimir Zorba

Северна Македонија е на 40-то место од 163 анкетирани земји во светот според Глобалниот индекс на мир за 2021 година, со 1.744 поени, според кои колку е помал резултатот, земјата е помирна. Земјата напредуваше за 11 места во однос на минатата година.

„Северна Македонија имаше петто најголемо зголемување во однос на мирот на листата во 2021 година, со 5,2 процентно подобрување на резултатот. Земјата се искачи за 11 места на ранг-листата на GPI и сега е рангирана на 40-тото место. Зголемувањето на мирот беше во голема мера водено од подобрувања во доменот на „Тековни конфликти“, пишува во извештајот.

„Индикаторот за интезитетот на внатрешни конфликти има најголемо подобрување, и сега е на најниско ниво од 2016 година. Конфликтот со Грција се повлече од потпишувањето на Договорот од Преспа, иако Бугарија продолжува да ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. И покрај некои поделби во земјата околу Договорот од Преспа, ова прашање не е толку поларизирачко како што беше пред една година.

Во доменот Безбедност и сигурност (Safety and Security) имаше подобрувања во политичкиот терор, стапката на убиства, стапка на затворање и влијание на тероризмот. И покрај овие подобрувања, Северна Македонија забележа влошување на перцепцијата на криминалитетот. Ова е четврта година по ред како Северна Македонија бележи подобрувања во доменот Безбедност и сигурност“.

Доменот за милитаризација малку се подобри како резултат на подобрување на заложбите на Македонија кон „UN Peacekeeping Funding“. Сепак, Северна Македонија бележи влошување во однос на воените трошоци“, стои во извештајот за земјава за оваа година.

Авганистан е најмалку мирна земја во светот со 3.631 поен, а по него следуваат Јемен, Сирија, Јужен Судан и Ирак.

Од друга страна, Исланд е повторно на врвот со 1,1 поен како најмирна земја и е на ова место од 2008 година. Во првите пет се и Нов Зеланд, Данска, Португалија и Словенија.

Од регионот, Хрватска е најдобро пласирана (17 место) Бугарија е на 27-мо, а зад нас е Србија на 44 место, Албанија е на 48-ма, додека Грција е на 66-тото место.

Глобалниот индекс на мир опфаќа 99,7% од светската популација и ја проценува ситуацијата врз основа на 23 квалитативни и квантитативни индикатори, групирани во три области – тековен конфликт, безбедност и милитаризација.

Слични содржини