САД го отфрлаат предлогот на СЗО за воведување мораториум за трета доза вакцина

од Stefanija Kuzmanovska

Соединетите држави го отфрлија повикот на Светската здравствена организација (СЗО) за воведување мораториум за администрација на трети дози на вакцини против коронавирус, наведувајќи дека тоа е „лажен избор“.

Директорот на СЗО Тедрос Гебрејсус повика на прекин на вакцинацијата со третата доза вакцини барем до крајот на септември, со цел да се зајакне глобалната еднаквост и да се овозможи вакцинација на најмалку 10 проценти од населението во секоја земја, пренесува „Анадолија“.

„За да се случи тоа, потребна ни е соработка од сите, особено од неколку земји и компании кои го контролираат глобалното снабдување со вакцини“, рече тој во Женева.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека администрацијата на Џо Бајден, претседателот на САД, верува дека може да подели дополнителни дози доколку се препорачани од домашните здравствени власти, додека тие продолжуваат со напорите за дистрибуција на вакцини низ целиот свет.

„Веруваме дека можеме да ги направиме двете работи, и не мора да избираме“, рече таа, додавајќи дека Соединетите држави ќе имаат доволно резерви за да бидат сигурни во случај Администрацијата за храна и лекови (ФДА) да препорача дополнителни дози за дел од населението.

Слични содржини