САД и нудат Ф-16 на Турција во замена за инвестиции во Ф-35

од Vladimir Zorba

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека САД и предложиле на Турција продажба на борбени авиони Ф-16 во замена за претходна инвестиција во програмата Ф-35, од која Анкара беше отстранета по купувањето на ракетен одбранбен систем од Русија.

Ројтерс објави претходно овој месец дека Турција побарала од САД да купат 40 авиони „Локхид Мартин“ Ф-16 и речиси 80 комплети за модернизација на постојните авиони.

Ердоган во неделата рече дека Турција сака компензација за инвестиции од 1,4 милијарди долари во програмата Ф-35 и дека за тоа во моментов се преговара.

„Рековме дека ќе го преземеме секој чекор неопходен за да ги задоволиме одбранбените потреби на нашата земја“, рече турскиот претседател.

Анкара нарача повеќе од сто авиони Ф-35, произведени од „Локхид Мартин“, но САД ја откажаа оваа продажба во 2019 година, откако Турција набави руски одбранбен ракетен систем С-400.

Односите меѓу двете најголеми армии на НАТО се влошија во последните пет години поради несогласувањата околу Сирија, зближувањето на Анкара со Москва, амбициите на Турција во источниот Медитеран, обвинението на САД против турска банка и слободите на човековите права и медиумите во Турција.

Одлуката за купување на С-400 резултираше и со американски санкции.

Во декември 2020 година, Вашингтон ги стави на црната листа дирекцијата на турската одбранбена индустрија, нејзиниот шеф Исмаил Демир и уште тројца вработени.

Оттогаш, САД постојано ја предупредуваат Турција да не купува дополнително руско оружје.

Ердоган рече дека Анкара се уште планира да купи втора серија системи С-400, што може дополнително да го продлабочи спорот со Вашингтон.

Затоа, апликацијата за купување американски авиони ќе биде тешко да се добие одобрение од американскиот Конгрес.

Демократите и републиканците во тоа тело се согласуваат во обид да ја принудат владата на Џо Бајден да го засили притисокот врз Анкара, првенствено во врска со купувањето руско оружје и ситуацијата со човековите права.

Слични содржини