САД ја осудија силата употребена на улиците на Хонг Конг

од Aleksandar Petrovski

САД денеска ја осудија „неоправданата употреба на смртоносна сила“  во последниот бран насилство во текот на протестите во Хонг Конг, и ја повикаа полицијата и граѓаните да ја смират ситуацијата, соопшти висок  функционер во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Полицијата и граѓаните во Хонг Конг имаат одговорност да ја смират ситуацијата и да ги избегнат насилните судири“, рече функционерот во администрацијата на Трамп кој посака да остане анонимен, пренесуваат британските медиуми.

Еден маж вчера беше запален во Хонг Конг, а претходно полицијата пукаше во едно момче, во текот на ескалацијата на насилството во антивладините протести, што траат веќе пет месеци.

Лицето кое било запалено беше примено во болница во критична состојба. Медиумите објавија и снимка на која се гледа како мажот се расправа со група млади лица, по што некој од нив го полева со некаква течност и запалува, пренесоа американските медиуми. Неидентификуваниот и невооружен маж наводно на младите им викал „вие не сте Кинези“, по што некој од групата го полела и запалил.

Претходно беше објавена и снимка од вториот посериозен инцидент во кој полицаец пукаше во 21-годишно момче во судир со демонстрантите, кои вчера од рано утрината ги блокираа метро станиците и сите улици во центарот на градот.

Момчето било префрлено во болница и по операцијата веќе не било во живото загрозувачка состојба.

Слични содржини