САД планираат трета доза на вакцината по шест, а не осум месеци

од Nikola Popovski

Американските здравствени регулатори би можеле да одобрат трета доза на вакцината против Ковид-19 кај возрасни шест месеци по целосна имунизација, наместо по претходно најавените осум, објави во средата „Волстрит Журнал“.

Одобрување за дополнителна доза на Фајзер/Бионтек, Модерна и Џонсон и Џонсон во САД се очекува кон средината на септември, пишува весникот, повикувајќи се на лице запознаено со плановите.

Фајзер и Бионтек веќе го започнаа процесот на аплицирање за дополнителна доза кај секого на возраст над 16 години, велејќи дека тоа доведува до тројно зголемување на антителата против коронавирусот.

Фајзер соопшти дека 306 луѓе кои ја примиле третата доза помеѓу пет и осум месеци по втората, покажале ниво на неутрализирачки антитела што било 3,3 пати повисоко од она по втората доза.

Студијата, чии детали се уште не се објавени, исто така, откри дека несаканите ефекти од третата доза биле слични на оние од втората, вклучувајќи благ до умерен замор и главоболки, додаваат од компанијата.

Слични содржини