САД: Русија подготвува инвазија на Украина, има 175.000 војници!

од Nikola Popovski

Русија го отфрли извештајот на американските медиуми за потенцијален руски напад врз Украина, обвинувајќи го Вашингтон дека се обидува да ја влоши ситуацијата.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на некои официјални лица и разузнавачки документ, во саботата напиша дека американските разузнавачи веруваат дека Русија потенцијално планира офанзива врз Украина, можеби веќе следната година, во која ќе бидат вклучени до 175.000 војници.

– САД спроведуваат специјална операција со цел да ја влошат ситуацијата во однос на Украина, а одговорноста ја префрлаат на Русија, ги пренесува весникот „Комерсант“ зборовите на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

САД, нивните сојузници во НАТО и Украина ја обвинуваат Москва за групирање безбедносни сили во близина на украинската граница, а Киев стравува дека Русија планира напад.

Москва ги отфрла тие тврдења и го обвинува Киев дека, исто така, ги групира своите сили за напад на територија контролирана од проруските сепаратисти.

Москва нагласува дека има право да распореди војска на своја територија и дека тоа не претставува закана.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот дека развива обемни иницијативи за да му ја отежне инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин во Украина и дека нема да ги прифати „црвените линии“ на Москва.

Во наредните денови се очекува видео-конференција меѓу двајцата лидери.

Фото:  24tv.ua

Слични содржини