САД сметаат дека во С. Македонија има одлични напори за зголемување на судските реформи

од Stefanija Kuzmanovska

Напорите кои се фокусирани на прочистувањето на судството во Северна Македонија, како и оние за судска транспарентност, дигитализацијата и адресирање на проблемите со корупцијата ги сметам за одлични. Ова во интервју за Гласот на Америка го изјави американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнс. Според неа овие реформи треба да продолжат и да бидат континуиран процес, а мора да се осигура дека правда ќе има за сите.

– Во Северна Македонија има одлични напори да се зголемат реформите во судскиот систем, има неодамнешни најави, конкретно фокусирани на чистење на судството, за судската транспарентност, дигитализација и адресирање на проблемите со корупцијата. Но, крајно треба да се осигури да има правда за сите, судска независност, транспарентност, правен и етички кодекс кој секој треба да го почитува. Ова не е нешто што се применува еднаш, туку мора да биде посветена заложба и процес, исто како што е во Соединетите Американски Држави, изјави Брнс.

Амбасадорката најави дека САД ќе продолжат да работат со Владата во насока на поддршка и продолжување на веќе започнатите судски реформи.

Инаку, токму реформите на правосудството се на врвот на владиниот план наречен „Акција 21“ со кој треба да се донесат европските стандарди дома. Во таа насока на крајот на минатата година министерот за правда Бојан Маричиќ, заедно со првите луѓе на Судскиот Совет и Обвинителството ги презентираа контурите на планот, односно методологијата, според која се направи проверка на работата на судиите и обвинителите. Овој процес ќе го водат токму претставниците на правосудството, односно фелата. Досега неколку судии веќе се разрешен, за кои е утврдено несовесно и нестручно работење.

Според најавите од Министерството за правда следуваат забрзани чекори за дигитализацијата на правосудството, нешто што беше директно поздравено и од амбасадорката Брнс.

Слични содржини