САД со нови мерки против корупцијата и прекршителите на човекови права

од Maja Serafimova

САД и ЕУ во Брисел синоќа оддржаа консултации на кои ја реафирмираа својата посветеност на демократските принципи и човековите права како што е наведено и во Универзалната декларација за човекови права на ОН, а Вашингтон покрена нови мерки за злоупотребите на глобално ниво, соопшти денеска Стејт департментот.

Состанокот се оддржа по повод 10 декември, Меѓународен ден за човекови права.

Консултациите во Брисел допреа широк спектар на проблеми како полова еднаквост, женски права, мирот и стабилноста, верската слобода и политичките затвореници, но и бизнис и човекови права, работнички права, трговски инструменти и активисти за човекови права, се вели во соопштението.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео пак денеска истакна дека во оваа и во изминатата недела САД покренале 72 случаи на санкции под покровителство на Глобалниот Закон Магнитски, за сериозни прекршувања на човековите права и корупција на глобално ниво.

-Ова ја покажува нашата посветеност да се казнат сите кои го поткопуваат владеењето на правото, не ги почитуваат универзално прифатените стандарди за човекови права и се закана за стабилноста на меѓународниот политички и економски систем, изјави Помпео.

Некои од лицата кои потпаднаа по нови санкции се и Мохамед Ал Отајби, поранешен генерален конзул на Саудиска Арабија во Истанбул и Аслан Ирасханов, раководител на МВР за градот Грозни во Република Чеченија, Русија.

Првиот е санкциониран за неговата улога во случајот со грозоморното убиство на новинарот Џамал Кашоги лани во Турција, вториот поради неговата улога во сериозни погазувања на човековите права во Чеченија.

-Како екс припадник на таканаречените „кадировци“, личната гарда на претседателот на Чеченија, Ирасханов е одговорен за селективна егзекуција на 27 лица, се вели во соопштението.

САД ја повикуваат Саудиска Арабија да спроведе сеопфатно, фер и транспарентно судење на лицата одговорни за убиството на Кашоги, и се загрижени од постојаните и сериозни повреди на човековите права во Чеченија со постојани убиства, тортура, насилни киднапирања и селективни апсења од страна на властите.

-Руските власти не преземаат соодветни чекори за да ги казнат официјалните лица вклучени во овие злоупотреби и насилства, со што се засилува климата на неказнивост во земјата, се вели во денешното соопштение на Стејт департментот.

Слични содржини