SafeJournalists: Ги осудуваме смртните закани и сексистичките навреди кон новинарката Тања Милевска

од Nikola Popovski

Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност „SafeJournalists“, која претставува повеќе од 8 200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својот член Здружението на новинари на Македонија во осудата за заканите против новинарката Тања Милевска.

Тања Милевска, потсетуваат од мрежата, е новинарка и дописник во МИА (Медиумската информативна агенција), која доби смртни закани и сексистички навреди на Твитер, а подоцна и на Фејсбук, заради нејзините јавни ставови изразени на социјалните мрежи. Случајот е пријавен во полиција, но досега не се покренати обвиненија.

Мрежата, исто така, потсетува дека во текот на месец мај се забележани три случаи на закани преку Интернет (кон Мишко Иванов, Анета Додевска и Наташа Стојановска) и сите овие случаи сè уште се нерешени.

– Сега дополнително загрижува фактот дека ваквите закани доаѓаат во предизборната кампања, а според информациите на ЗНМ за тоа се одговорни политичките партии кои се директни генератори на таквиот наратив што доаѓа од нивните приврзаници, ботови и лажни профили на социјалните мрежи. Ги повикуваме релевантните институции во Северна Македонија да дејствуваат и да ја обезбедат безбедноста на новинарите, особено што практиката покажува дека заканите преку Интернет честопати доведуваат до физички напади, се вели во реакцијата на „SafeJournalists“.

Мрежата, која е формирана во 2016 година и во која членуваат Независното здружение на новинари на Србија, Здружението на новинари на БиХ, Синдикатот на медиумите во Црна Гора, Здружението на новинарите на Македонија, Здружението на новинари на Косово и Хрватското здружение на новинари, исто така, наведува дека за овие случаи ќе ги информира релевантните национални и меѓународни организации и институции, укажувајжи дека секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Од мрежата потсетуваат дека, на 11 јули, Милевска на социјалните мрежи доби десетици вербални закани, говор на омраза и закани од силување, откако таа на Твитер поставила прашање дали премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент ја признаваат уставната промена на официјалното име на државата.

По овој твит, тролови како и активни политички фигури изминативе пет дена ги подгреваа заканите, во обид да ја дискредитираат новинарката во пресрет на парламентарните избори кои се одржаа вчера.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осуди говорот на омраза и директните закани по животот на Милевска и ги потсети Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство дека овие дела се опфатени со Кривичниот законик и треба да се постапува по нив.

Слични содржини