Сали: Анализата за дијагноза на јавното здравство даде резултат кој не е добар, да засукаме ракави

од Stefanija Kuzmanovska

Анализата направена за дијагноза на јавното здравство во изминатата година, во инвестирањето, организацијата, почитување на протоколи и се останато во делот на здравствени услуги, даде еден резултат кој што не е добар за нас како држава, истакна министерот за здравство Беким Сали во интервју за „Телма“.

„Не е добар показател само дека се движиме во позитивна насока, туку навистина треба да засукаме ракави и да размислиме како сакаме да продолжиме“, наведе Сали.

Според него, во јавното здравство се трошат средства за институции кои не испорачуваат доволно квалитетни услуги, како една приватна здравствена установа.

„Проектната единица во министерството за здравство работеше во делот на рационализација и консолидација на капацитети и наша констатација е дека буџети се трошат за институции кои што не испорачуваат доволно квалитетни и во доволен број услуги колку што испорачува една приватна здравствена установа“, истакна министерот.

Според него, ако една приватна установа може да функционира со цени кои што се формирани и за јавното и за приватното здравство и на крај на годината да прикаже позитивен финансиски исход, како е можно јавното здравство да не покаже позитивен исход. Затоа, нагласи Сали, бил избран пристапот за рационализација на здравствените установи.

Тој потенцира дека интересот за приватниот здравствен сектор и за фондови што вршат осигурувања за приватното здравство се зголемува, додавајќи дека тоа е еден тренд што се случува во сите држави во светот.

Сепак, според Сали, не сите граѓани на државата можат да си дозволат приватно осигурување и затоа се базираат на јавниот сектор каде се присутни поголеми проблеми, но тој сепак има и успешни приказни.

Слични содржини