Салиу: Факт е дека во здравствените јавни установи има дискриминација, прашајте ги Ромите ако сте алергични на други етнички заедници

од Nikola Popovski
408 прегледи

Новинарот Фуркан Салиу, кој е главен уредник на порталот „Икс“ кој прв објави за случајот со модриците на тримесечното бебе на Клиниката за детски болести, денеска се огласи на социјалните мрежи откако дел од објавија дека модриците на бебето можеби се од тромбоцитопенија. Тој истакна неколку факти, како што вели, за состојбите на Клиниката, но и општо во јавното здравство.

– Факт е дека 4 медицински сестри ја исмејувале мајката затоа што не знае македонски. Факт е дека мајката не била присутна кога на 3 месечно бебе е земено крв. Факт е дека многу медицински работници пациентите ги делат по етничка линија (и медицински работници кои се од албанска етничка припадност) и не треба да се правиме дека тоа не постои и дека не сме од тука. Факт е дека само пред неколку дена група на лекари и медицински сестри негодуваа зошто како директор на клиниката беше поставен Реџеп Мемеди. Факт е дека лекари одбиваа да бидат дела од комисијата која што треба да утврди дали повредите се направени од невнимание или со намера. Факт е дека ова е индивидуален чин и не може сите лекари и медицински сестри да се обвинат за индивидуална постапка. Факт е дека нeкакви комори, синдикати упорно зборуваат за етничката припадност на медицинската сестра, нагласувајќи дека шеф на одделот е лекарка Албанка, порача меѓу другото Салиу, наведувајќи и дека во здравствените јавни установи има дискриминација.

Побара од останатите колеги новинари да не забораваат на важни детали кога пишуваат на вакви теми.

-Колеги новинари, кога пишувате прилози за вакви теми заборавате многу битни детали затоа што сте заслепени од омраза. Секој кој што оди во клиника, оди поради тоа што има мака.

Да не се правиме луди. За проблемите се разговара јавно ако сакаме да ги решиме, па дури и да се вака проблематични кои што задираат и во меѓуетничките односи, стои меѓу другото во Фејсбук-статусот на Салиу, додавајќи: „Прашајте ги Ромите ќе ви објаснат најдобро ако сте алергични на други етнички заедници“.

За случајот со бебето, реагираа и од Унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“. Ги повикаа релевантните институции да приложат докази за разрешување на случајот.

– Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник, наведува во писмена изјава претседателката Гордана Бешлиовска.

Семејството на доенчето обвинува дека било повредено од здравствен работник на Одделот за имунологија. Медицинската сестра треба да ја каже и својата страна на приказната, која предизвика бурни реакции во јавноста, со објавување снимки од доенчето кое има модринки по раката.

Помош и поддршка сестрата доби и од Синдикатот на Клинички центар, чиј член е. Посочуваат дека не смее да се обвинува никој пред да се докаже вина.

Директорот на Детската клиника, Мемеди заедно со министерот за здравство Арбен Таравари го посетија семејството на бебето.

Министерот на социјалните мрежи напиша дека доколку се потврдат наводите на блиските на бебето, медицинската сестра ќе биде соодветно санкционирана.

Слични содржини