Редовниот самит на групата земји БРИКС се одржува во Бразил оваа година, но собирот ќе биде засенет од фактот дека Си Џинпинг, претседателот на Кина, нема да дојде во оваа јужноамериканска земја.
За прв пат од основањето на БРИКС во 2009 година, кинескиот лидер ќе го пропушти самитот, а ова е особено значајно бидејќи Кина ја презеде улогата на неформален лидер на овој блок.
Наместо Џинпинг, кинескиот премиер Ли Keчијанг, кој се смета за втор човек во хиерархијата на моќ во оваа азиска земја, доаѓа во Бразил.
Во својата анализа за отсуството на Џинпинг, CNN наведува дека тоа доаѓа во изненадувачки момент.
Според овој американски медиум, Кина се обидува да се профилира како „алтернативен светски лидер“ преку БРИКС, односно го гради својот статус како глобална сила во опозиција на Соединетите Американски Држави.
Овој момент, пишува CNN, е особено важен за Кина, имајќи го предвид ставот на американскиот претседател Доналд Трамп кон надворешната политика, односно зголемениот отпор кон него и САД во светот.
Како причини за отсуството на Џинпинг, аналитичарите за CNN истакнуваат неколку работи. Првенствено, фактот дека Кина има одредени економски проблеми предизвикани од царинската војна со САД.
Дополнително, тие нагласуваат дека Џинпинг неодамна го посети Бразил и дека е тешко да се очекуваат „големи работи“ на овогодинешниот самит.
Покрај Џинпинг, на самитот нема да биде ниту рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно го најави своето отсуство поради можноста да биде уапсен по потерница на Меѓународниот кривичен суд по слетувањето во Бразил.
CNN истакнува дека поради овие две отсуства, најголема корист ќе има индискиот премиер Нарендра Моди, кој би можел да преземе лидерска улога, заедно со домаќинот, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.