Само осум членки на ЕУ безусловно го поддржуваат кандидатскиот статус за Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Откако Русија ја нападна Украина, барањето на Киев за влез во ЕУ е една од темите ширум Унијата, при што некои даваат безусловна поддршка, некои се колебаат, а некои, како Атина, посочуваат дека европската перспектива на Западен Балкан е непосреден приоритет.

Прашањето за доделување статус на кандидат за членство во ЕУ на Украина, првиот чекор на долгиот пат кон членството, се очекува да биде на агендата на лидерите на ЕУ пред крајот на француското претседателство кон крајот на јуни.

Засега нема консензус за тоа како треба да изгледа првиот чекор на Украина. Претседателот на таа земја, Владимир Зеленски, дури отиде дотаму што рече дека на Украина „не ѝ треба алтернатива за кандидатурата за ЕУ“.

„Не ни требаат компромиси“, рече Зеленски на прес-конференција неодамна за време на посетата на португалскиот премиер Антонио Коста на Украина.

Има „обилна“ поддршка за иднината на Украина во ЕУ, но понекогаш кандидатскиот статус се меша со членството, некои даваат поддршка, но избегнуваат временски рамки, а пристигнуваат предупредувања за прескокнување на делови од политиката на проширување, пишува бриселскиот портал EURACTIV.

Некои членки на ЕУ повеќе, а некои помалку го поддржуваат доделувањето кандидатски статус на Украина пред први јули, а само осум даваат безусловна поддршка.

Според мапата направена од мрежата EURACTIV, Украина има безрезервна поддршка од Италија, Бугарија, Чешка, Словачка, Полска, Литванија, Латвија и Естонија.

Втората група земји се оние кои би можеле да се класифицираат како колебливи (како што е Шпанија), чија поддршка за доделување кандидатски статус на Украина зависи од позитивната оценка на Европската комисија.

Слична логика следат и земјите (на пр. Португалија), кои во принцип го поддржаа кандидатскиот статус за Украина, но не сакаат да дадат рок, како што е крајот на јуни.

Од друга страна, на почетокот на војната, Словенија и Унгарија го поддржаа доделувањето кандидатски статус на Украина што е можно поскоро.

Но, после тоа дојде до смена на власта во Љубљана и односите меѓу Будимпешта и Киев стануваат се понапнати и затоа позицијата на двете земји не е сосема јасна.

Во исто време, Грција и Кипар го поддржуваат членството на Украина во ЕУ, но се противат на забрзаниот процес предложен од некои источноевропски членки, велат дипломатски извори за EURACTIV Грција.

Според извор од грчкото МНР, ставот на Грција е дека треба да се почитуваат сите процедури од членот 49 од Договорот за ЕУ.

Истовремено, Грција придава посебно значење на пристапниот процес на Западен Балкан, кој мора да продолжи и да се забрза, велат изворите, додавајќи дека Атина инсистира дека европската перспектива на регионот е непосреден приоритет.

Запрашан дали Грција се согласува со статусот на Украина за кандидат за ЕУ ​​во јуни, извор рече дека Атина сака прво да го види предлогот на Европската комисија, иако тој рече дека генерално се гледа позитивно, под услов членките да бидат едногласни, што досега не е случај.

Кога станува збор за Кипар, владин извор за EURACTIV Грција изјави дека прво треба да се види во која насока ќе оди мислењето на Европската комисија.

Доколку е позитивен, Кипар би се согласил на предлогот на Украина да ѝ се даде статус на кандидат за ЕУ. Сепак, додаде изворот, треба строго да се следат сите релевантни процедури, така што процесот на пристапување би бил долг.

Кипарски извори, исто така, велат дека мора да се земат предвид земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан, од кои некои веќе направиле голем напредок кон пристапувањето со спроведување на неопходните реформи и исполнување на обврските.

Слични содржини