СДСМ: Арсовска да одговори дали новиот директор на ЗОО е поставен согласно законот

од Nikola Popovski

СДСМ се сомнева дека новиот директор на скопската Зоолошка градина, Драган Илиевски е поставен согласно законите и процедурите.

-Дури три недели по скандалот со закланите животни во Зоолошката градина во Скопје, градоначалничката Данела Арсовска назначи нов директор. Прво, затоа што за оваа позиција не бил распишан јавен оглас. Второ, затоа што според написите во медиумите, Илиевски не доаѓал од редовите на вработените, изјави Никола Белимов, член на Градска организација на СДСМ.

Според него, на овој начин се прекршува членот 50 од Законот за јавни установи и членот 34 од Законот за култура.

-Ако се случило такво назначување, тоа е спротивно и на членот 30 од Статутот на Зоолошката градина каде што јасно се наведува дека вршител на должност директор се избира од редот на вработените. Данела Арсовска и градската администрација мора да одговорат, дали Илиевски е назначен согласно законите и Статутот на Градината?, прашува Белимов.

Тој појаснува дека од она што е јавно приложено како биографија на Илиевски „се гледа дека тој нема никаква поврзаност, ниту пак искуство со слична дејност“.

Слични содржини