СДСМ Битола: Коњановски ги менува директорите на училиштата кои се уште имаат мандат

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски не сакаат да соработуваат со директорите на училиштата поставени во време на СДСМ кои уште имаат мандат и со најподли методи се обидуваат да ги отстранат од раководните места. Притисоци да се повлечат, паушални ревизии од општината за кои однапред се знае исходот, закани дека ќе им бидат одземени часовите и ќе бидат прогласени за технолошки вишок…се секојдневие за директорите, обвинија денеска од СДСМ Битола.

Од таму порачаа дека „на училиштата не им се одобруваат програмите за работа, не им се префрлаат средства и покрај законската обврска на општината и се смислуваат илјадници сопки со кои се саботира работата на училиштата, без нималку да се води сметка дека тоа се воспитно – образовни установи за деца“.

-Проверените рижимски методи на ДПМНЕ се вратија во Битола уште пожестоко отколку во времето на Груевски и Талески. Коњановски и неговите соработници се покажаа како нивни добри ученици, додаваат од општинската организација на СДСМ.

Според нив, „СДСМ и кога нема можност преку општината, преку Министерството за образование реализира проекти за подобрување на условите за учење и работа во битолските училишта“.

-Во завршна фаза е реконструкцијата на фасадата и на спортските терени на ОУ Коле Канински, се реконструираат спортските терени во Таки Даскало, неодамна заврши реконструкцијата на терените во Средното техничко училиште. Сите овие се проекти реализирани од Владата на СДСМ и Министерството за образование и се дел од сериозните инвестиции во битолските училишта што ги реализираме изминатите пет години, порачуваат од СДСМ Битола.

Слични содржини