СДСМ: Дали градоначалникот Стефковски се јавувал во МВР за притисок за ослободување на неговиот брат?

од Nikola Popovski
127 прегледи

СДСМ продолжува да реагира за скандалот со братот на градоначалникот Бобан Стефковски кој возел со поголема брзина од дозволената на еден скопски булевар, по што се јавувал да ургира да не му пишат казна. Од „Бихаќка“ денеска прашаа дали лично „градоначалникот Стефковски се јавувал во Министерството за внатрешни работи за да изврши притисок за ослободување на неговиот брат?“.

-Граѓаните заслужуваат чесно, одговорно и транспарентно раководење, а не злоупотреба на позицијата за заштита на привилегирани функционери, роднини и пријатели на ДПМНЕ.

Тошковски беше принуден јавно да го признае скандалот со братот на Стефковски откако беше фатен жив, но граѓаните не се наивни, знаат дека да не го објавеше СДСМ ќе се криеше и понатаму и никој немаше да биде сканкциониран, стои во партиското соопштение.

Според зборовите на портпаролката на СДСМ на вчерашната прес-конференција, на 20-ти април месецов на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата на радар фатила возило марка „мини-купер“ кое се движело со преголема брзина. Станува збор за автомобил на Далибор Стефковски, брат на градоначалникот на Гази Баба.

-Среде Скопје, братот на градоначалникот „летал“ со 87 км на час иако дозволена брзина е 50. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот колку вози Стефковски среде Скопје, рече Кузеска на прес-конференција и го објави видеото. Таа обвини дека се штитат прекршителите само затоа што се од ВМРО-ДПМНЕ и дека нема одговорност за братот на градоначалникот.

Казната не била пишана затоа што братот на градоначалникот повикал началник кој на сообраќајниот полицаец преку телефон и според тврдењето на СДСМ, надвор од државата, му наредил да не му пишува казна на Стефковски.

Осум дена по сторениот сообраќаен прекршок, братот на Стефковски бил во полициската станица „Пролет“ за да се пријави за казнениот налог. Ова го потврди министерот за внатрепни работи Панче Тошковски кој рече дека на лицето ќе му биде изречена глоба од 300 евра и забрана за управување со возило.

Според Тошковски, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу постаршна од она што било објавено од СДСМ. Министерот вели дека полицискиот службеник направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата. Тој упати и порака до сите полициски службеници дека се должни да постапуваат согласно законот и согласно стандардните оперативни процедури.

Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи поднесена од пратеничката група Левица. Пленарната седница е закажана во 11 часот. Интерпелацијата е поднесена на 14-ти април поради тоа што, според Левица, Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

Слични содржини