СДСМ денеска во Гостивар и Делчево, ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе и Велес

од Берта Китинска

Остануваат уште шест дена политичките партии и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 15 јули да ги претстават своите изборни програми пред граѓаните. Кампањата завршува на 12 јули во 24 часот кога и официјално почнува предизборниот молк.

Централниот караван на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ денеска својата програма ќе ја претстави пред граѓаните во Гостивар и Делчево, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ ги продолжува своите изборни активности во Лозово, Свети Николе и Велес.

СДСМ презентацијата на програмата вчера ја насочи пред се кон политиките за младите. Лидерот на оваа партија Зоран Заев најави дека преку конкретни, ефикасни, структурни мерки и политики, се обврзуваат стапката на младинска невработеност до 2024 година да ја донесат под 17 проценти. За таа цел, потенцира тој, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за оваа година продолжува со рекорден буџет за 2020 година од 1,3 милијарди денари и тој буџет ќе продолжи да расте.

Тој нагласи дека обезбедуваат директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од пет до 15 илјади евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис.

– Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Ова се пари кои одат директно на сметките на младите, односно повисоки плати за 10 посто веднаш. Поранешното „Македонско село“ кое е во државна сопственост, го трансформираме во „Старт-ап село“ („Start-Up Village“) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Мерката за три илјади денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование продолжува и понатаму, порача Заев.

Тој вчера истакна дека пресудно во коалицирањето со БЕСА била програмата, но и, како што дополни, заедничката тенденција да го збогатат и зголемат концептот едно општество за сите. Тој очекува на изборите да освојат доволно пратенички мандати за парламентарно мнозинство и за формирање влада, но не исклучува разговори и со други кои ќе добијат доверба од граѓаните.

Претставувајќи ја програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапува на претстојните избори, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски вчера од Василево нагласи дека таа е подготвена многу внимателно со сите структури на партијата и експерти, но и граѓаните и вбројува преку илјада проекти.

– Таму ќе најдете поголема просечна плата, како да дојдеме до неа за 25 проценти од тоа што е денес. Таму ќе најдете како до поголеми пензии, најмалку 20 проценти поголеми пензии од тоа што е денес. Враќање на старото законско решение кога пензијата растеше два пати годишно, а не како што тоа денес се случува кога едно покачување добија пензионерите поредизборно мислејќи дека изборите ќе се случат во април, истакна Мицковски.

Таму, вели тој, ќе најдете како до четири милијарди евра инвестиции и како да дојдеме до најнизок данок во Европа од осум проценти и нула данок за секој оној што ќе вработи лице до 29 години.

-Таму ќе најдете намален данок на додадена вредност за угостителите и хотелиерите, оние кои што се најпогодени од вирусот Ковид-19, од 18 на 10 проценти заклучно со 2021 година, таму ќе најдете како да дојдеме до бесплатна партиципација на државните универзитети за студентите за учебната 2020/2021 година и најмалку еден универзитет во првите илјада во светот, Македонија да биде извозник на знаење, а не да биде извозник на високо образован кадар, потенцираше Мицкоски, нагласувајќи дека е убеден во одлучноста на граѓаните да го изберат десниот пат.

Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, пак, на вчерашната прес-конференција пред Владата на која презентираше делови од својата програма изрази очекување неговата кандидатура за премиер да биде поддржана од припадници на сите етнички заедници. Тој најави Виш суд за еднаквост, нова институција, која ќе обезбеди еднаква правда и ќе ги истражува сите сомнителни случаи на етничка дискриминација во судовите, во државната администрација, од страна на надлежните органи, во училиштата и на работа. Презентираше план за еднаква економска преродба со кој, како што кажа, ќе се создадат илјадници нови работни места и ќе се постигне еднаквост и во приватните компании.

Алијансата за Албанците и Алтернатива од Куманово ги повикаа гласачите да ги поддржат на 15 јули и истакнаа дека е време за промени во албанското општество во државата. Тие предвидуваат проекти од повеќе области кои важат за сите граѓани – рамноправен развој во сите средини, водоснабдување, канализации, патишта, целокупна инфраструктура која е неопходна за секојдневното функционирање. Тие најавија богата политичка платформа, правда, економски развој, добро образование и ставање крај на девијантни феномени, затворање на казина.

За Петар Богојески од платформата „Македонски концепт“ ова е последна шанса за вистински промени. Тој ги повика сите граѓани, особено најразочараните од политиките на двата партиски блока да излезат на гласање. Најдобро е, според него, со гласање за оваа платформа да се внесат во Парламент граѓански пратеници кои ќе ги менуваат работите од корен и без партиска контрола. Енергетските заедници се иновативна мерка која оваа платформа ја предлага.

– Доколку сакате да биде казнета и сменета оваа Влада, а од друга страна да не дозволиме возобновување на бандитизмот во минатото, тогаш гласајте за број 10, бидејќи само ние имаме кредибилитет да не ги дозволиме тие процеси во Парламентот, порача Богојески.

Партијата „Интегра“ пред гевгеличани вчера вети редуцирање на јавната администрација, нова транспортна стратегија со 956 километри брза железница по која за еден час ќе се стигнува до секоја точка, слободни земјоделско-сточарски зони, како и во првите 100 дена ништовност пред Меѓународниот суд за правдата на Времената спогодба од 1995, Преспанскиот договор од 2018 и на спогодбата со Бугарија. Од гевгеличани побараа поддршка на 15 јули со заокружување на бројот 8 на гласачкото ливче.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, вчера соопшти дека најдоцна до 24 часот на 9 јули може да се објавуваат резултати од испитувањата на јавното мислење во врска со предвремените парламентарни избори и ги потсети радиодифузерите на одредбите од Изборниот законик за објавување резултати најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите.

Слични содржини