СДСМ до Мицкоски: Со лажни документи се обидуваш да го поткопаш процесот за набавка на вакцини

од Nikola Popovski

Владеачката СДСМ ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски дека не можат да се помират со тоа што во државата тече процес на масовна имунизација против коронавирусот, па затоа сега рециклираат стари лаги и измислуваат непостоечки скандали.

„Додека е во тек масовна вакцинација против коронавирусот, Мицкоски докажан извор на лажнби вести потврден и со меѓународни студии, наместо јавно да излезе пред граѓаните, кукавички подметнува јавни документи во обид да конструира измислени случаи.

Токму ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски во со лажни документи и лажни цени тврдеше дека биле уплатени 12,5 милиони евра за набавка на кинески вакцини, а денеска тврди дека биле уплатени 7,8 милиони евра.

Очигледно е дека во белиот дворец се изгубени во сопствените лаги и веќе не памтат што и околу што имаат излажано“, велат од владеачката партија.

Според нив, од почетокот на пандемијата па до денеска ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се на страната на вирусот наместо на страната на јавното здравје и здравствениот систем.

„Прво ги кршеа мерките за заштита од коронавирусот, па ширеа лажни вести за недостиг на заштитна опрема и тестови, па кочеа заем за опремување на модуларни ковид болници, па потоа со лажни документи се обидуваа да го поткопаат процесот за набавка на вакцини, па откако сето тоа не им успеа денеска продолжуваат со лажни вести и конструкции да го попречат процесот на вакцинирање на населението.

Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се таму каде што се – во опозиција каде уште долго ќе останат“, стои во партиската реакција.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинарите објави документ од кој, како што наведе, се потврдува дека имало уплата од Министерството за здравство на посредничка фирма за набавка на кинеските вакцини од „Синофарм”.

Од документот (дознака за плаќање во странство-СВИФТ), како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се гледа дека Министерството за здравство на 15 февруари на посредничка фирма во Хонг Конг (Стабри интернешнл) уплатило околу 7,8 милиони долари за купување кинески вакцини, и оти на ваков начин се демантираат тврдењата од Министерството дека немало никаква посредничка фирма во набавката.

Слични содржини