СДСМ: Ѓорчев како баба рога сее страв, наредната недела започнува вакцинацијата

од Vladimir Zorba

„ВМРО-ДПМНЕ во услови на пандемија, кога целиот свет се соочува во непознат вирус, кој за жал зема жртви, излегува со истрошени пресови и залудно се обидува политички да профитира внесувајќи страв и паника кај граѓаните. Влатко Ѓорчев како баба рога на прес конференција сее страв, а заборави дека тој како дел од режимот на ВМРО-ДПМНЕ со негрижата и коруптивното 11-годишно владеење предизвика хаос во здравствениот систем“, реагираат од СДСМ на пресот на Ѓорчев.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја остави здравствената инфраструктура да пропаѓа, не вложуваше ниту во медицинскиот кадар, единствено профитираше од коруптивни зделки во здравството.

Таквиот однос го наруши угледот на државата и здравствениот систем, нешто што СДСМ и институциите што ги предводи, со сите сили се обидуваат да го поправат, да ја вратат довербата во македонското здравство.

Но, и покрај глобалните предизвици за набавка на вакцини, вакцините се обезбедени, имунизацијата на населението започнува наредната недела, откако со донацијата на вакцините од Србија се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите.

Утре се очекуваат првите количества од руската вакцина Спутник V. Потврдено е пристигнување на 21 илјади дози од Фајзер до крајот на март, кога преку КОВАКС треба да стигнат и првите количини вакцини од „Астра-Зенека“, меѓу 20 и 30 илјади дози. За кинеската вакцина, се очекува тајминг за пристигнување, откако се завршени сите потребни административни работи.

Но и покрај вакцинацијата се уште треба да се почитуваат мерките за превенција од коронавирусот, кои ВМРО-ДПМНЕ, ако се грижеше за здравјето на граѓаните немаше да ги крши и да организира масовни собири, на кои не се почитуваа протоколите за заштита.

Додека Мицкоски кршеше мерки, одеше кришум по кафеани и теретани, додека ВМРО-ДПМНЕ организираше јавни собири, здравствените работници деноноќно се бореа против коронавирусот.

Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижат за здравјето на граѓаните покажаа со кочење на заемот за опремување на болниците, со оцрнување на здравствениот систем, а од друга страна ги поттикнуваа граѓаните да не ги почитуваат мерките.

ВМРО-ДПМНЕ со морбидни перформанси си поигруваа и се потсмеваа со судбините на починатите и заболените.

Од почетокот на најголемата пандемија, со која се соочува целиот свет, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тера само лажна загриженост, деструктивност, поткопување на здравствениот систем, ширење страв и паника кај граѓаните“, велат од партијата на Заев.

Слични содржини