СДСМ: Граѓаните можат да бидат спокојни – членството во НАТО значи неповредливост на границите

од Nikola Popovski

СДСМ ја поздрави 3-годишнината од членството на С. Македонија во НАТО.

-На денешен ден пред три години, државата предводена од СДСМ стана полноправна членка на НАТО Алијансата. Три години е обезбедена безбедноста и стабилноста на граѓаните и на државата, македонската армија е рамо до рамо со најсилните во светот, велат од владеачката партија.

Од партијата потенцираат дека реализирана е една од двете национални стратешки цели, исполнет е стремежот за кој сонуваа генерации, во изминатите 30 години.

-За жал, трагичните настани со воената агресија на Русија врз Украина, покажаа колку е важно членството во НАТО, особено во услови на безбедносна криза. Граѓаните можат да бидат спокојни, членството во НАТО значи неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државата“ порачаа од владејачката партија, истакнуваат од СДСМ.

Датумот 27 март 2020 година беше означен како историски, а честитки пристигнаа од лидери од земјава, од лидерите на САД и НАТО. Добредојде во НАТО ни посакаа генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, тогашниот американскиот државен секретар Мајк Помпео, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Церемонијата на депoнирање на инструментот во МНР ја следеа тогашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров и американската амбасадорка Кејт Брнз. Претседателот Стево Пендаровски во видео изјава нагласи дека станува збор за историски успеси кои по три децении независност конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.

На 30 март 2020 година македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапување на земјава во Алијансата. Знамето беше кренато додека се интонираше македонската химна. Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во НАТО посака генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Свечената церемонија на подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше тогашниот премиер Оливер Спасовски.

Слични содржини