СДСМ Куманово: Димитриевски заборава да распише тендер за јавен градски превоз

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски во предизборната паника да го одржи пактот со ВМРО-ДПМНЕ за да го одржат на власт, заборава да распише тендер за јавен градски превоз, обвинуваат од СДСМ Куманово.

-Димитриевски преку своите ПР служби во Општина Куманово соопшти дека од 01.01.2022 година, поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз, се до завршување на постапката на која се јавиле 9 превозници, и на која сигурно ќе има жалби, што значи дека нема да заврши брзо. Димитриевски ја започнал постапката со јавен оглас на 14.12.2021, а доколку истата беше отпочната пред локалните избори немаше граѓаните да се соочат со овој хаос во јавниот градски превоз. Дополнително, за некои линии кои не се атрактивни никој не се пријавил – селата Шупли Камен, Косматац, Новосељане, Четирце, Мургаш, Граничен премин Табановце, новата линија Бајрам Шабани – Бедиње, никој не сака да ги вози, со што Димитриевски уште еднаш покажа неводење грижа за граѓаните и не овозможи подеднаков третман за сите граѓани, бидејќи ова е проблем за граѓаните на Куманово, а особено за жителите на приградските и селски населби, кои ќе немаат со што да отидат на работа, велат од СДСМ.

Според нив, да биде ситуацијата уште поотежната, се јавува и пропустот на Димитриевски во грижа за децата – ги остава без превоз кога ќе заврши распустот.

-Товарот го носат и граѓаните и учениците, сами да се снаоѓаат со превоз во зимскиот период и да им се создадат дополнително зголемени трошоци во период на здравствена и енергетска криза. Ова ли е таа грижа која ја ветуваше Димитриевски? Приоритетот на Димитриевски е неговиот личен интерес, а не граѓанскиот. Граѓаните и со право бурно реагираат затоа што Димитриевски на дело го покажува немањето капацитет да го одржи зборот пред граѓаните и ги остава граѓаните на милост и немилост. Апелираме надлежните инспекциски служби да истражат зошто Димитриевски ги остави граѓаните без јавен превоз во зимскиот период, велат од СДСМ.

Од општината соопштија дека активно работат на доделување на лиценци за вршење на јавен превоз во постапка, која е во тек.

-При водење на постапката најпрвин се зема интересот на граѓаните да им се обезбеди квалитетен, еколошки и безбеден јавен превоз, а не како во претходниот период да се води интерес за превозните компании на штета на услуга кон граѓаните. Во најкус можен рок, по целосна проверка на поднесените пријави за јавен превоз и утврдување на, пред се, еколошките и безбедносни параметри на возилата, кои се понудени од страна на превозниците, ќе бидат донесени и соодветни решенија и одлуки, со цел граѓаните на Куманово да добијат градски превоз, согласно сите европски стандарди, информираат од општина Куманово.

Слични содржини