СДСМ Куманово за Димитриевски: Максим склучи пакт со ѓаволот, ќе го враќа режимот во градот

од Nikola Popovski

СДСМ Куманово излегоа со соопштение откако актуелниот градоначалник Максим Димитриевски беше јавно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ за вториот изборен круг. Според нив, Димитриевски доби ново име – “јас ќе бидам тој кој ќе го врати режимот во Куманово”.

-Дали господине Димитриевски чувствувате гадење што си подадовте рака вие и оние кои за малку не ве убија вас, Зијадин Села и Зоран Заев во Собранието? Дали заборавивте на тој 27 април, а ако не сте заборавиле, дали вашиот договор значи дека и вие барате амнестија за осудените на 27 април, дали заедно со советничката од ВМРО-ДПМНЕ Елена Божиновска Доцевска сега заедно ќе правите нереди и ќе организирате насилства? Дали ќе ги влечете Ромите за уши заедно со вашите нови пријатели? Дали и вие Димитриевски ќе се претворите во Ќосето и ќе сечете глави, на социјалдемократите, на албанците? Димитриевски, кој е вашиот газда сега, Мицковски и Груевски? Дали Будимпешта ви ја спонзорираше најскапата кампања во изборната историја на државата?, прашуваат од СДСМ Куманово.

Од таму додаваат дека, „поради тоа што СДСМ го одби Димитриевски да биде министер за одбрана, тогаш по нечии инструкции почнал да си ги премачкува партиските бои“.

-Од позиција на Градоначалник кој треба да ги подобрува условите на граѓаните, да оддржува улици, канализација итн, вие станавте наеднаш експерт по историја и надворешна политика, професор доктор епидемиолог, калиф уместо калифа, се со цел да кулминира вашето 007 работење во редовите на СДСМ за локалните избори.

И уште ова да ве потсетиме – да не заборавите дека туѓите перја со кои се китите со тек на време ќе отпаднат и народот ќе види дека царот е еден обичен голтар. На 31ви ве чека казната од народот! Кумановци секогаш знаеле да ги казнат предавниците! Како што ги казнивме во 2013 така и вие Димитриевски ќе бидете казнети, Куманово ќе продолжи да се развива, а вие ќе одговарате за секој криминал, се вели во соопштението на СДСМ.

-Ja поздравувам поддршката и воедно ги повикувам и останатите политички субјекти, вклучувајќи и членовите на СДСМ, ЛДП и албанските партии да дадат поддршка на овој концепт, рече актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски кој трча по втор мандат, како реакција на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг.

Според него, неговиот концепт е најдобар бидејќи може успешно да продолжи да го менаџира Куманово и кој ги обедини граѓаните во Македонија.

-Граѓаните испратија порака во првиот круг во кого имаат најголема доверба и сметам ќе се повтори во вториот круг, изјави Димитриевски за ТВ Сител.

Слични содржини