СДСМ: Мицкоски сакаше да го партизира судството со сопартиец на Меџити

од Nikola Popovski
56 прегледи

СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека планирал го партизира судството преку поставувањето на Ардијан Демири како нов член на Советот на јавни обвинители. Како што велат од СДСМ, Демири беше сопартиец на еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити во редовите на неговата партија Демократско движење.

-Ова ли е реформата која ја најавува? Ова е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го правеше порано и сака да го прави и сега. Вистинска реформа не подразбира партиско назначување на кадри како што тоа го прави Мицкоски туку судство ослободено од прангите на неговата партија, прашуваат од партијата на Венко Филипче.

Претходно премиерот од Прилеп обвини дека се уште постојат судии и обвинители кои се „послушници на минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ“.

Според премиерот, во изминатите пет месеци од владеењето на новата Влада, често се случува дел од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки и температура, во момент кога треба да се преземе акција против криминалци кои биле симбол на, како што вели, минато и погрешно седумгодишно владеење.

-Инсталациите на СДСМ и ДУИ се жилави и ќе биде жестока бробата со нив во судството и Обвинителството. Не верувам дека оваа борба ќе биде кратка, туку ќе биде долга. Малкумина се во судството и Обвинителството, но можам да кажам дека ќе победиме. Ќе бидат поразени, а македонските граѓани ќе добијат правда каква што заслужуваат, а не неправда од опструирани послушници на минатата власт, рече Мицкоски при посетата на Тутунски комбинат АД Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање во однос на одлуката на Антикорупциска комисија која остро реагира дека именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во петокот реагираше дека за член на Советот на обвинители е предложен Демири и ги повика пратениците да не прифаќаат партизација во обвинителскиот совет. Посочија дека со ова се прави обид за брутална партизација на судството и Обвинителството преку партиски интервенции во Советот на обвинители. Како доказ за блискоста меѓу Ардијан Демири и Изет Меџити, од ДУИ до медиумите приложија и нивна заедничка фотографија.

Во меѓувреме, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, го извести Гаши дека го повлекува предлогот за избор на членови на Советот на јавните обвинители.

Слични содржини