СДСМ: Ова е нехуманото лице на ВМРО ДПМНЕ и нивната лажна загриженост

Владејачката СДСМ, и денес испрати соопштение во кое вели дека е срамно што ВМРО ДПМНЕ се обидува да го блокира секој начин на работа на Собранието, како и дека нивното лице излегува на виделина, откако нудат лажна загриженост за граѓаните.

Исто така, потенцираат дека ВМРО ДПМНЕ постојано поднесува илјадници апсурдни и бизарни амандмани.Собранието е тука да им служи на граѓаните, а не на политикантството на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.

„Срамно е што среде пандемија, ВМРО-ДПМНЕ со 500 амандмани се обидува да го блокира усвојувањето на измените во Законот за здравствена заштита, кои предвидуваат лекарите што ја исполниле старосната граница за пензионирање да можат да го продолжат работниот век до возраст од 67 години.

Ова е вистинското нехумано лице на ВМРО-ДПМНЕ, нивната лажна загриженост за здравјето на граѓаните и продолжение на опструкциите што од почетокот на пандемијата ги прави врз здравствениот систем и борбата против коронавирусот.

Во многу сериозен период од пандемијата со коронавирусот додека државата, сите институции, здравствените работници, сите граѓаните се борат против коронавирусот, неодговорната опозиција работи на штета на граѓаните.

Сега со поднесување на илјадници апсурдни и бизарни амандмани на предложените измени на собранискиот Деловник, со кои би се овозможила работа на далечина на пратеници што се во изолација, како и со кочење на Законот за здравствена заштита, опозцијата се обидува да го направи парламентот нефункционален кога треба да се носи Буџетот за 2021 година, кога 300.000 граѓани чекаат платежни картички, а компаниите финансиска поддршка.

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и надвор од него прави блокади и деструкции, кои се опасни и штетни за државните и национални интереси, спротивни на интересите на граѓаните.

Собранието е тука да им служи на граѓаните, а не на политикантството на ВМРО-ДПМНЕ, кое поради лицемерно и неодговорно однесување е во опозиција и уште долго ќе остане во опозиција“, се вели во соопштението од владејачката СДСМ.

Слични содржини