СДСМ „пишман аџија“, Владата исто посакува нов КЗ: „Долг период останува непокриен – она што сега е застарено, не можеме да го оживееме“

од Nikola Popovski
227 прегледи

Добро е што поранешната гарнитура призна дека направи грешка, иако не убедуваа дека е европски закон и ќе се подобри климата во борбата против корупцијата и дека поефикасно ќе се завршувале предметите. Кога зборуваме за борба против корупција и организиран криминал, не гледам каде би имало разидување ако двете страни се искрено посветени и сакаат да се реализира борбата. Тоа е егзактна материја и треба да се постават европски стандарди, иако не верувам дека и досегашните стандарди не ни беа проблем во проблемот со корупцијата, вели за „Локално“ адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски откако вчера од СДСМ покажаа покајување за измените на Кривичниот законик, со кои се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, со што се намалува и рокот за застарување на „функционерскиот криминал“.

Според Малиновски, ефикасна борба подразбира ефикасен и одмерен опис на кривични дела, соодветни казни, па и делот на процесното право каде што има потреба да се интервенира.

Драган Малиновски

-Едно е материјалниот дел каде што е Кривичниот законик, а друго е процесниот дел каде што е Законот за кривична постапка. Двата треба интегрално да се гледаат и да се види кои се тесните грла кои ни прават проблем во долгото траење на постапките што е факт и доаѓање до судски разрешници, истакнува Малиновски.

Вели дека го иритира тоа што претходната Влада која овозможи намалување на казните и застарување на добар дел од кривичните дела, сега вели дека подготвени сме да се вратиме на некоја претходна состојба. Малиновски е дециден дека таа состојба ќе важи тек за оние дела кои се сторени од моментов на изгласувањето на промени.

-Имаме период наназад од многу години кој ќе биде непокриен со ефикасен Кривичен законик. Она што сега е застарено, не можеме да го оживееме. Оние кривични дела кои се сторени во меѓувреме, а сега воопшто не се води постапка. Ако некаде е сторено кривично дело, не може да се гони по Кривичен законик кој ќе биде донесен во иднина. За него ќе важат сегашните намалени казни и периодот на застареност. Фактички, со маневар на намалување на казните, не ги амнестиравме само функционерите од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ со Груевски и Мијалков, туку се амнестираат и од поранешната владеачка гарнитура на СДСМ, затоа што сите кривични дела кои се сторени за време на нивното владеење, а сега се под радар…Ако денес се донесе нов Кривичен законик, за нив нема да важи тој, туку од носењето на КЗ, па во иднина. Претходната влада на Заев и Ковачевски не ги амнестираше само поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, туку и самата себе. Тоа е поентата. Сега измените, ќе важат за во иднина, а огромен период наназад е проблематичен и тој ќе остане со поблаги санкции, оценува поранешниот антикорупционер.

Според него, ако ги намалите казни, автоматски подразбира и помал период за застарување и за тие кривични дела каде сте ги намалиле казните.

-Должината на застарувањето е пропорционално со висината на казната. Не можам да ја сфатам логиката. Секое кривично дело има рамка за казна – од и до. Колку е построга и повисока казната, толку периодот за застарување е повисок. Вие ако ги намалувате, оставате можност повеќе кривични дела да ви застарат. Тоа го бајпасираат со проширената конфискација. Тоа е сегмет поврзан со приказната за кривичниот прогон, но условно речено и независно. Вие може да продолжите со конфискација и кога кривично дело ќе биде застарено. Не може конфискацијата да биде алтернатива на застарувањето. Тие се две независни нешта, заклучува соговорникот во разговорот.

СДСМ „пишман аџија“, Владата исто посакува нов Законик

Згрешивме со измените во Кривичниот законик-директен лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Сега вели дека од 2017-та година има подготвен нов и истиот власта да го стави на јавна расправа. Бил координиран со меѓународната заедница и модел бил германскиот Кривичен законик.

-Со измените во Кривичниот законик се намалија казните за злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери. СДСМ, се претвори во маалска група, коментира премиерот Христијан Мицкоски. Вели дека си завршија работа, па сега имале нов Законик. Прашува што ќе се случи со делата кои што застараа и за кои што граѓаните плаќаат оштета за тоа што застареле.

Според премиерот, студент на прва година од Правниот факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано, ќе го користи законот кој што во времето на сторување на делото е апликативен.

-Си донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали на оние политичари и сега ќе носиме нов закон. Немаме проблем за нов, но да биде во согласност со европските закони, а не некому што му треба. Се чудам што и професори учествуваат позади овие изјави. Не можам да сфатам зошто не ја научија лекцијата од грешките во минатото, посочи Мицкоски.

Со измените се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, со што се намалува и рокот за застарување на „функционерскиот криминал“. Кој не добил правосилна пресуда за 10 години откако го сторил делото, е слободен.

Измените на Кривичниот законик кои предизвикаа најмногу реакции во јавноста се однесуваа на кривичните дела злосторничко здружување (член 394 од КЗ), злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353 од КЗ) и несовесно работење во службата (член 353-в).

Со нив, максималната казна од десет години затвор за злосторничко здружување се намали на три години.

Кај делото злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, измените донесоа затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета. Претходно, се предвидуваше затворска казна од најмалку три години, но немаше горна граница. Исто така, во членот за делото злоупотреба на службената положба и овластувања се избриша ставот 5 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

И за несовесно работење во службата се направи менување на казната за службеното лице или одговорното лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Досега казната за ова дело беше најмалку три години затвор без горна граница, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.

Намалувањето на казните и воведувањето горна граница, донесоа и побрзо застарување на делата.

Со измените на Кривичен, му застареа и дел од делата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е азилант во Будимпешта.

Застаре и предметот над предметите – „Таргет-Тврдина“ за тоа кој е виновен за масовното прислушување. Скандалот го објави во 2015, тогашниот премиер Зоран Заев, објавувајќи таканаречени бомби или прислушувани материјали. Отворајќи предмет, тогашното СЈО, формирано за справување со корупција и криминал сторена од функционери, рече дека биле прислушувани 4.614 корисници на телефонски броеви во период од 2008 до 2015.

Н.П.

Слични содржини