Се финализира третиот сет економски мерки за поддршка на граѓаните и стопанството

од Vladimir Zorba

Премиерот Оливер Спасовски денеска го одржа третиот состанок со членовите на Економскиот совет, експерти, гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, претставници на коморите, синдикални претставници.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, е разговарано за третиот сет економски мерки што е предвидено да ги донесе Владата.

Премиерот Спасовски, како што се наведува, истакна дека третиот сет мерки има за цел поддршка и на граѓаните и стопанството.

На средбата е разговарано за актуелната економска состојба во време на здравствената криза, за досегашната поддршка во економијата со претходните два сета економски мерки, за новите потребни мерки и за проекциите за можна ревитализација на економски план.

Разменетите мислења, сугестии, предлози околу новите мерки како државна помош во економијата, како што е најавено, ќе бидат земени предвид при финализирањето на новиот сет економски мерки.

Покрај Спасовски, на состанокот присуствувале и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, вицепремиерот за европски прашања и за координација на меѓународната помош во време на здравствено-економската криза Бујар Османи, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Слични содржини