Се финализираат активностите околу Протоколот за НАТО

од desk4

Привршуваат активностите околу подготовката на пристапниот протокол за членство во НАТО, откако по спроведувањето на процедурата во македонското Собрание, минатата недела Преспанскиот договор помина и во грчкиот Паламент и експресно викендов беше објавен во Службен весник на Грција.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, за Политико Европа, вчера изјави дека пристапниот протокол за влезот на Македонија во НАТО ќе биде потпишан во скоро време, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Ќе го потпишеме пристапниот протокол во НАТО и тоа можеме да го сториме набрзо. За ратификацијата ќе треба повеќе време, сѐ зависи од 29-те парламенти, рече Столтенберг .

Според него, можно е веќе во текот на оваа недела, амбасадорите на земјите членки на НАТО да го потпишат протоколот, по што Скопје ќе седне на масата. Тој појснува дека тоа значи дека Македонија ќе учествува како земја набљудувач во сите клучни формати на состаноците на Алијансата, но полноправна членка ќе стане само откако сите 29 парламенти ќе го ратификуваат пристапниот протокол. Оваа процедура за зачленувањето на Црна Гора во 2017 година, траеше околу една година, потсетува Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО вчера и писмено го известил министерот за надворешни работи Никола Димитров дека во подготовка е Пристапниот протокол, кој е предвидено наскоро да биде потпишан од страна на постојаните претставници на земјите – членки на Алијансата. Потоа ќе следи и покана до Димитров за присуство на церемонијата на потпишување на Протоколот.

– Со потпишувањето на Пристапниот протокол започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следи ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата, појаснуваат од македонското МНР.

Инаку, шефот на македонската дипломатија вчера на трибина во Скопје на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус исто така најави дека Македонија оваа недела или на почетокот на идната ќе го потпише Протоколот за НАТО.

– Оваа недела или на почетокот на идната треба да се потпише Протоколот за НАТО. Потоа тој треба да се врати во грчкиот Парламент на ратификација. Се надевам дека потоа сите наши пријатели, а меѓу првите е Литванија, ќе го ратификуваат Протоколот во нивните собранија. Штом се ратификува во грчкиот Парламент ќе го добиеме столчето во Алијансата. И тогаш стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор, рече меѓу другото Димитров на трибината во МНР организирана од Инфо центарот за евроатлантски интеграции.

Тој истакна дека се надева оти министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува по првпат на состанок на министрите за одбрана на земјите – членки на 13 и 14 февруари во Брисел, а тој како министер за надворешни работи во април на Министерскиот состанок на НАТО во Вашингтон.

Министерката Шекеринска при вчерашната посета на Валандово го искажа очекувањето дека во следните две недели државата ќе седне на своето столче во Алијансата.

-Покажавме дека големите одлуки му носат добро на народот и граѓаните и дека ја отстранивме последната пречка која ја кочеше државата со години и ја добивме практично влезницата во НАТО. Очекувам во следниве две недели Македонија да си го зазаме веќе своето столче на НАТО масата и очекувам тоа веднаш да има позитивни реакции и во домашниот бизнис и во интересот на странските инвестиции, рече Шекиринска.

Шефот на литванската дипломатија Линкевичиус вчера на заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега Димитров, увери дека Литванија ќе биде меѓу првите земји што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Со тоа, додаде, ќе се овозможи и заокружување на Спогодбата од Вилнус од 2000 година како Декларација за меѓусебна поддршка и солидарност во евроатлантските интеграции, бидејќи Македонија е последната држава од таа група која сега влегува во Алијансата.

Во меѓувреме, и официјален Париз, се приклучи кон ЕУ, НАТО, САД и мноштвото земји кои ја поздравија ратификацијата на Договорот од Преспа од страна на грчкиот Парламент. -Гласањето на Договорот од Преспа е пример за храброст и единство на Европа, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер.

Слични содржини