Се крчка македонската турли тава: Можни сценарија за излез од политичката криза

од desk4

Не помина ниту едно деноноќие по завршувањето на локалните избори а македонската турли тава почна да зоврива. Локалните избори наместо комунална власт по мерка на граѓаните донесоа политичка криза во Македонија. По поразот Зоран Заев си поднесе оставка и од премиерската функција и од местото претседател на СДСМ, со што ја презеде одговорноста за изборните резултати.

„Јас ја преземам одговорноста врз себе за лошите резултати од овие избори за сите нас прогресивните сили за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот за Северна Македонија. Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Заев.

Лидерот на коалицискиот партнер ДУИ, Али Ахмнети, (кој во сред изборна кампања најави дека наводно имал договор со Заев за претседател Албанец), сега не се согласува со одлуката на Заев за оставките  од двете функции.

– Ова се локални избори, ние пред една година победивме на општите избори и добивме мандат за да раководиме со политиките на државата. Му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Во неговата партија треба да се разгледа оваа одлука, која според мое мислење е избрзана и неоснована, рече Ахмети.

И ЛДП и ДОМ кои жестоко се ставија на спротивната страна на СДСМ за време на локалните избори не сакаат нова Влада.

– И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата – рече Морачанин.

Со идентични позиции се и другите коалициски партнери ДПА, БЕСА.

На темата како до излез од политичката криза „Локално“ разговараше со аналитичарот Петар Арсовски. Тој најавува дека во перидот што доаѓа  во игра се неколку сценарија. За „Локално“ вели дека ниту едно од нив не се брзи предвремени парламентарни избори.

– Мислам дека Заев веќе имаше одлучено да даде оставка. Според неговото однесување оставката му дојде некако како олеснување. Во основа резултатот од изборите кажуваат дека на граѓаните не им се допаѓа или брзината по која се одваа настаните или, пак, правецот по кој тие се движеа. Ако Заев останеше на власт тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе беше секој ден на улица блокирајќи ги раскрснците, а со тоа и тормозење на граѓаните. Во игра се четири опции. Првата е Заев да си оди од премиерската функција но, да остане истото парламентарно мнозинство, втората е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да формира ново парламентарно мнозинтво, третата е широка, концентрациона или експертска влада и четвртата опција се предвремени парламентарни избори. Сметам дека сепак политичката криза нема да заврши со брзи избори туку со избори кои ќе се одржат на пролет. На таков начин на Бугарија ќе и се даде уште една шанса во врска со преговорите за да го дигне ветото кое го спушти како рампа на македонскиот европски пат, рече Арсовски.

И професорката Мирјана Најчевска на својот фб пишува за четири излезни решенија од сегашната политичка ситуација.
„По оставката на Премиерот, според нашиот Устав во оставка е целата Влада.
1. Досегашната владејачка коалиција има мнозинство во Собранието и Претседателот на државата и доделува нов мандат за формирање Влада.
Во овој случај СДСМ како најголема партија во коалицијата може да понуди свој кандидат или да се договори со коалиционите партнери за кандидат од нивните редови или независен експерт како кандидат.
2. Се формира нова мнозинска коалиција на која Претседателот и доделува мандат за формирање Влада.
3. Било која од мнозинските коалиции во Собранието поведува постапка за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори.
4. Сите партии во Собранието се договараат за формирање на експертска Влада која ќе го доврши мандатот на претходната до наредните редовни избори“, напиша Најчевска на својот фб.

Според Заев пак,  неговата оставка не значи и предвремени парламентарни избори.

„Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба за да помогнат да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои а може да биде и уште зголемено“, рече Зоран Заев.

И додека Заев и понатаму смета дека може да се дојде до решение со Бугарија, бугарското МНР реагираше за кампањата која се водеше против независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арлсовска. Од таму порачаа дека, во неа имало омраза кон граѓаните со бугарски идентитет.

„Настаните од изминатата недела и агресивната реторика во изборната кампања за градоначалник на Скопје се уште еден илустративен пример за наметнатата атмосфера на нетрпеливост и непријателство кон граѓаните со бугарски идентитет и кон Република Бугарија“, соопштија од бугарското МНР.

Владејачката партија СДСМ за Арсовска, во јавноста презентираше документи за тоа дека таа во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство, а поседува и бугарска лична карта, која таа ги демантираше.

На седмите по ред локални избори од осамостојувањето на Македониа ВМРО-ДПМНЕ освои  42 градоначалнички мандати, СДСМ доби 16 општини, ДУИ во следните 4 години ќе управува со 10 општини, Алијанса за Албанците – Алтернатива со 3, БЕСА освои 2 општини, ДПА, ЛДП и ДОМ, ГРОМ по 1.

Б.Т.

 

Слични содржини