Се огласи Проташевич, призна дека учествувал во организацијата на протестите (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

На видео што се појави на Интернет денес, се огласи белорускиот блогер Роман Проташевич, кој беше уапсен во неделата кога авионот „Рајанер“ беше пренасочен од Атина.

Авионот принудно слета во Минск наместо во Вилнус во Литванија, а блогерот во видеото вели дека е во добра здравствена состојба и признава дека учествувал во организацијата на масовни протести во Минск минатата година.

Неговите сојузници реагираа веднаш по обраќањето, велејќи дека е очигледно дека Проташевич дава изјави под присила, објави Ројтерс.

„Вака изгледа Роман кога е под физички и морален притисок. Барам итно ослободување на Роман и на сите политички затвореници“, рече лидерот на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја преку Твитер.

Појавувајќи се на одредени канали на апликацијата Телеграм, Проташевич, кој носи темна маичка со раце цврсто стегнати пред себе, вели дека е во притворскиот оддел во Минск пред да се појави пред судија и негира дека имал проблеми со срцето објавија некои медиуми.

Според Ројтерс, на видеото се гледа „мала црна точка“ на челото на Проташевич.

Агенцијата ТАСС известува дека споменатото видео било емитувано на телевизијата Белорусија 1.

Слични содржини