Се појави снимка стара 21 година: „Кривокапиќ седел под слика од Караџиќ во друштво на српски четници“ (видео)

од Nikola Popovski

Црногорскиот портал „Антена М“ објави видео од лидерот на коалицијата За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ од 1999 година, направено во куќата на Миле Павичевиќ, поранешен таксист и четнички војвода.

„Кривокапиќ, денешен кандидат за премиер на Црна Гора, исто така присуствувал на собирот на четници во една куќа“, наведува „Антена М“.

Понатаму се наведува дека тој седел „под сликата на тогашниот бегалец, а денешниот воен злосторник Радован Караџиќ“.

Според „Антена М“, снимката е направена за време на дочекот на Никола Каваја, поранешен офицер на ЈНА, осуден дезертер, потоа емигрант, член на четничката организација СОПО, а во 1978 година и киднапер на американски патнички авион.

Тој бил осуден во САД за тероризам и други злосторства на 65 години затвор, а беше ослободен во 1997 година.

Видеото кое околу една деценија кружи на Интернет на различни социјални мрежи, покажува дека Каваја е придружуван од Владимир Божовиќ, сегашен амбасадор на Република Србија во Црна Гора.

„Заедно со пречекот и здравиците, во тоа време се слушаше и неофицијалната српска химна „Божја правда “, се одржуваа четнички говори, а луѓето зборувале за српството и Србија“, наведува црногорскиот портал.

Слични содржини