Се празнaт ковид-центрите, вирусот полека стивнува 

од Берта Китинска

Бројот на активни случаи се намалува секојдневно. Во моментов ниту едно заболено лице со ковид 19 нема во Пехчево, Дојран, Демир Капија и Богданци .Поголемиот дел од градовите имаат по едноцифрен број на заразени лица.

Во главниот град кој беше ковид жариште сега се регистрирани само 212 активни случаи.Покрај бројот на заразени што опаѓа се празнат и ковид центрите низ земјава.

Во Скопје во последните 24 часа нема хоспитализирано ниту еден нов ковид-пациент, епидемиолошката сотојба во државата се стабилизира и во моментов има вкупно 125 пациенти кои се лекуваат болнички, а околу 500 кревети се слободни.

„Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје нема хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 48 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во изминатово деноноќие на домашно лекување се пуштени четворица пациенти“, велат од Министерството за здравство.

Празни се и ковид-центрите во Кавадарци и Гевгелија, а во Битола во моментов се лекуваат седуммина, во Штип се хоспитализирани осум пациенти, на инфективното одделение во Тетово има два пациенти, во Велес се лекуваат 11 болни, во Куманово 15 пациенти, во Охрид има хоспитализирано седум пациенти, во Прилеп четири, во ковид-центарот во Гостивар осум, а во Струга четворица болни.

Вчера во земјава пристигнаа нови количини на вакцини донација од Турција.

-Пристигаа 30.000 вакцини „Синовак“ како донација од пријателска Турција. Уште еднаш сакам да изразам голема благодарност до Република Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред се, за експресната испорака на ветената количина која е многу значајна за нас. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.469, бројката на оздравени пациенти е 149.551, на починати е 5.467, а бројот на активни случаи изнесува 451.

Слични содржини