Се раздвижува ли политичката сцена во С.Македонија?

од Берта Китинска

Бранко Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ, тоа им е јасно на сите, и затоа не верувам во приказните кои се пуштени во, вели премиерот Зоран Заев.

Откако во јавноста проструи информација дека поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски се враќа на политичката сцена и ќе формира нова партија, се огласија и од неговиот кабинет.

Од таму соопштија дека Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања.

„Поранешниот претседател Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања“, велат од кабинетот.

Лани во ноември по неколкугодишен молк, во јавноста се огласи поранешниот претседател и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, испровоциран од интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската Бгнес.

Црвенковски тогаш најави замрзнување на членството, но и заладување на односите со актуелниот премиер и претседател на партијата, а од членството на СДСМ побара итно да се свика Централниот одбор на партијата. Инаку, во пресрет на Конгресот на СДСМ на кој ќе се бира нов состав на партиските органи и претстојните локални избори, во партијата ескалираат страстите. Некои општини најавија дека ќе поднесат независни советнички листи.

Заев сака нови ликови во СДСМ

Радмила Шекеринска по осум години повеќе нема да му биде заменичка во партијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но тој најавува дека нивната соработка и понатаму ќе продолжи.

„Шекеринска е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за преговорите со ЕУ. Јас ќе продолжам да соработувам. Верувам дека на многу заеднички проекти ќе соработувамe“, порача денеска премиерот. Тој додава дека таа не поднела  оставка, туку најавила дека нема намера да се кандидира за заменик претседател во следниот мандат. „Ние заедно прифативме да го водиме СДСМ во едно многу тешко време“, изјави  Заев.

Радмила Шекеринска, која ја извршува функцијата министер за одбрана, вчера најави дека нема да се кандидира повторно за заменик-претседателка на СДСМ, на претстојниот конгрес на СДСМ во мај. Таквиот потег во јавноста се толкуваше како нејзино можно дистанцирање од премиерот, но се актуелизираа и шпекулациите дека е можен нејзин ангажман како амбасадор во Вашингтон, престижна позиција којашто се уште не е пополнета.

На конгресот на 16 мај, делегатите треба да гласаат за нов заменик-претседател на СДСМ, а треба да се избере и нов состав на Централниот одбор на партијата и нов Надзорен одбор.

Слични содржини