Се размислува за рестрикции за невакцинираните, до крајот на август 500.000 ќе бидат имунизирани

од Nikola Popovski

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега не се планираат рестрикции на границите и во организирањето помасовни настани, но можно е од есен да ги има за невакцинираните граѓани.

„Денес очекуваме да ја надминеме бројката од 500.000 вакцинирани со барем доза. Во моментов ревакцинирани се 330.000 граѓани и ние не запираме тука“, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на прашања за вакцинацијата.

Тој информира дека здравствените власти размислуваат за воведување рестрикции за граѓаните кои што не се вакцинираат.

„Зошто тие да ги загрозуваат сите други што се вакцинирале, а имаат можности. Во некои земји воведоа брзи тестови за влез во маркетите или културните настани“, потенцира министерот, додавајќи дека засега нема нови случаи на делта сојот во земјава.

Тој оцени дека процесот на имунизација се одвива прилично добро и дека до денеска се очекува надминување на 500 илјади лица кои примиле барем една доза, така што  до крајот на август половина милион граѓани ќе бидат целосно имунизирани. Ревакцинирани (со двете дози од антиковид-вакцината) сега се над 330 илјади. На теренската вакцинација досега се вакцинирани околу 200 илјади лица – просечно помеѓу три и пет илјади дневно.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 495.967 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.650 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 18.149 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 847.336 дози вакцини, а ревакцинирани се 351.369 граѓани. Со последните бројки 63% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Слични содржини