Се решава проблемот со изградбата на „Христијан Тодоровски Карпош“ и кружниот тек во Кисела Вода

од desk2

Сериозен проблем со водоводна инсталација ја кочи изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Бутел. Градот Скопје работи на изнаоѓање техничко решение, за да може да продолжи изградбата.


Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска одговорајќи на новинарски прашања посочувајќи дека тоа е проект што го наследи и оти проблемот е што не била предвидена и била испроектирана водоводоната инсталација, односно дислоцирање на водоводната инсталација што се наоѓа на потекот каде што се одвиваат градежните работи.

– Проектантот е недостапен, жената која го има проектирано е некомуникативна и не сака да соработува со Градот. Градски водовод работи на изнаоѓање на техничко решение на проблемот. Додека технички не се надмине прашањето со водоводот, не може да се продолжи со градежните активности. Мене ми е жал што градежните активности се почнати без да бидат отстранети овој тип на проблеми, изјави Шилегов.

Потенцира дека не може да се затвори градежната целина бидејќи во тој дел не може да се изведуваат во моментов градежни инсталации, бидејќи ќе се доведе во сериозна опасност водоснабдувањето на граѓаните на тој дел од градот.

Тој очекува дека во наредниот период ќе биде надминат тој проблем со водоводот, со цел да се довршат градежните активности на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.

Потенцирајќи дека ја санираат несериозноста на нивните претходници, напомена дека се решава и проблемот со градежните активности на кружниот тек на поранешна последна 24.

– Таму е започнат да се изведува инфраструктурен објект без да биде завршена експропријацијата и објектот стои повеќе години и граѓаните во тој дел од градот се гушат во прашина, газат по кал, вода им влегува во нивните домови затоа што некој влегол да реализира нешто без да биде направена основната подготовка. Вчера ги потпишав документите, ги завршивме преговорите со сопствениците на седум имоти и очекувам веќе денеска во Министерство за финансии да се спроведува договорите со цел да се изврши експропријацијата за да може градот да ги продолжи таму во текот на летово да ги завршиме градежниве активности, да ги ослободиме тие луѓе од хаосот во којшто живеат последниве две до три години, истакнува Шилегов.

Слични содржини