Се шири нова мутација на ковид, Филипче и КЗБ предлагаат карантин за патниците од Британија

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека Комисијата за заразни болести предлага 14 дневна самоизолација за патниците од Велика Британија.

-Ова е предлог заклучок од утринскиот состанок на Комисијата за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија. Предлог мерката ќе биде предложена на координативниот штаб, а ја донесовме превентивно по информациите дека нова мутација на ковид-19, се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна. Засега, Комисијата не ја разгледува опцијата за предложување на дополнителна мерка, како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно рестриктивна мерка за влез или излез од земјава, напиша Филипче.

Министерството за здравство апелира до сите граѓани кои патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници се со цел заштита на здравјето на граѓаните.

Забрани летови од и кон Велика Британија

Забраната за воздушен сообраќај ја воведе Франција, која го запре сообраќајот на патиштата 48 часа, потоа Германија, Италија, Холандија, Белгија, кои го блокираа железничкиот сообраќај, како и Австрија, Ирска, Бугарија и Хрватска кои прогласија 48-часовен прекин на летовите кон Велика Британија.

Канада ќе ги прекине летовите од Велика Британија и ќе им се придружи на бројни земји од Европа кои веќе го сториле тоа, а забраната стапи на сила во 6,00 часот по средноевропско време и ќе трае најмалку 72 часа, објави Си-Ен-Ен.

Германија свика состанок на ЕУ поради новиот вид на Ковид-19

Германија, која во моментов претседава со ЕУ, денес свикува итен состанок на ЕУ во врска со новиот вид на коронавирус пронајден во Велика Британија, јави ДПА.

Десетици земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Холандија, Белгија, Полска, Канада, Салвадор и Иран, воведоа ограничувања за патниците и летовите од Велика Британија по објавувањето дека новиот вид доведе до рапидно зголемување на случаи во земјата. Бугарија исто така забрани летови од Велика Британија, со исклучок на три лета синоќа, бидејќи бугарските граѓани веќе биле на аеродромите за време на објавувањето на забраната.

Берлин го воведе интегрираниот механизам на ЕУ за одговор на кризата, изјави портпаролот на германското претседателство, Себастијан Фишер.

Нема докази дека новиот вид на Ковид-19 е поопасен

Светската здравствена организација (СЗО) сè уште нема докази дека новиот вид на Ковид-19 ќе доведе до зголемена смртност, посочила еден од директорите на таа организација, Силви Бријан, за француската телевизија БФМ, како што пренесе ТАС С.

„Вирусите се менуваат и она што се случи сега не е изненадување. Со цел да утврдиме дали мутацијата ќе има влијание врз здравјето на луѓето, ќе мора да направиме дополнителни истражувања во лабораторијата. Во овој момент, не гледаме промена на стапката на смртност“, изјавила Бријан.

Слични содржини