Сè што треба да знаете за вакцините против Ковид

од Vladimir Zorba

Фајзер и Модерна објавија одлична вест во рок од десет дена – дека нивните вакцини за коронавирус се покажале 90% ефикасни во клиничките испитувања. Фајзер потоа објави дека побарал итно одобрување на вакцината.

Ова сепак не значи дека работите наскоро ќе се вратат во нормала. Дури и кога европските официјални лица ќе ја одобрат вакцината, повеќето ќе мора да чекаат за имунизација.

Покрај тоа, никој сè уште не знае со сигурност што може да постигне вакцината и колку долго ќе траат ефектите. Исто така, постои проблем со доставување доволно вакцини за да се имунизира населението, и сè погорчливата борба на земјите први да примат вакцини.

Ќе се врати ли животот во нормала во 2021 година?

Вакцините, иако даваат надеж, не се магичен лек. Вакцините „Фајзер“ и „Нодерна“ покажаа добри резултати досега и разумно е да се очекува дека ќе продолжат да го прават тоа. Но, овие две компании исто така треба да завршат клинички студии и да добијат одобрение за широка дистрибуција. Шефот на Европската агенција за лекови, Емер Кук, изјави дека очекува вакцината да биде одобрена „пред крајот на годината“.

Кога станува збор за снабдувањето, многу компании – често со помош на парите на даночните обврзници – инвестираа милиони во производството на вакцината, но нивните залихи ќе бидат ограничени. „Фајзер“ и „БајоНтек“ се очекува да произведат 50 милиони дози до крајот на 2020 година, а 1,3 милијарди дози до крајот на 2021 година. Бидејќи на едно лице му требаат две дози вакцина, ако сè оди добро, 650 милиони луѓе ќе бидат вакцинирани до крајот на 2021 година.

„Модерна“ ќе може да произведе 20 милиони дози до крајот на 2020 година, исклучиво за САД, и тие се надеваат дека ќе дистрибуираат милиони дози ширум светот до почетокот на 2021 година.

Тоа ќе биде само капка во океанот со оглед на глобалното население од скоро осум милијарди луѓе.

Дали е доволно една вакцина?

Потребни се повеќе вакцини за имунизацијата да биде успешна. Различни вакцини постигнуваат различни нешта – едната вакцина може да биде подобра за постари или ранливи популации, додека другата може да биде подобра за млади. Едната може да спречи ширење на вирусот, а другата развој на посериозна болест.

Сè уште не знаеме каков вид имунитет ни треба за да ги заштитиме сите од коронавирусот. Не знаеме ниту колку трае имунитетот по короната. Вакцините не секогаш имитираат природен имунитет, многу произведуваат имунитет кој трае подолго од оној што природно го стекнувате по болеста, додека други обезбедуваат пократок имунитет.

Вакцините, исто така, мора да ги надминат различните пречки во производството. Вакцината на која работат „Фајзер/БајоНтек“ е нов вид што се базира на РНА тела, што теоретски треба да значи полесно и побрзо производство. Сепак, вакцината мора да се чува на сув мраз. Затоа вакцината на „Модерна“ е навидум подобра затоа што може да се чува 30 дена во нормални фрижидери. Проблемот со тоа е што и треба повеќе мРНА што го отежнува производството.

Со оглед на многуте непознати и логистички пречки, на светот му требаат повеќе вакцини за успешна имунизација.

Дали е безбедна?

Вакцините за короната се развиваат за рекордно време, но тоа не значи дека се лоши. Брзината е последица на фактот дека фармацевтските компании и владите вложија огромни суми пари во развој на вакцини и наука.

Меѓународните регулаторни тела, вклучително и Европската агенција за лекови, се категорични дека нема да направат компромис за безбедноста на вакцините. Со цел вакцините да бидат одобрени што е можно поскоро, постапките за истражување и тестирање се забрзани.

Дали антиваксерите можат да влијаат на ефикасноста на вакцината?

Европа е полна со антиваксери. Студија од септември покажа дека Французите се најлошите антиваксери во светот. Сепак, благодарение на насочените кампањи, состојбата во Европа кога станува збор за вакцинацијата постепено се подобрува.

Кога станува збор за вакцините за корона, антиваксери нема да бидат проблем на почетокот бидејќи нема да има доволно дози за сите заинтересирани. Некои земји, кои веќе видоа како скептиците можат да ги загрозат националните планови за вакцинација, сега работат на кампањи за информирање на јавноста за придобивките од имунизацијата.

Експертите велат дека најдоброто нешто што владите сега можат да го сторат е да преземат мерки и да проверат дали вакцините се безбедни, да објаснат зошто тие толку брзо се развиваат и да ги „затворат устите“ на скептиците пред нивните теории да стигнат на Интернет.

Кој победува во трката за вакцини – Европа или Соединетите држави?

Одговорот на тоа прашање не е јасен. Сите, од Брисел до Москва и Вашингтон, сакаат да прогласат победа. Но, трката е искомплицирана од трансатлантските партнерства, фармацевтските ланци и фактот дека земјите потпишуваат договори со компании чии капацитети се надвор од нивните граници.

Први кои ја објавија добрата вест беше американската компанија „Фајзер“ и нивниот партнер, германската компанија „БајоНтек“. Една недела подоцна, американска „Модерна“ донесе поубави вести. Од друга страна, вакцината на Оксфорд и „АстраЗенека“ може да биде една од првите што ќе биде пуштена во употреба.

Во моментов се тестираат 50 различни вакцини, додека други 150 се во лаборатории.

Русија побрза да објави дека нивната вакцина Спутник V е ефективна 92 проценти истата недела кога „Фајзер“ ги објави своите резултати. Во август, Москва беше цел на жестоки критики дека веќе започнала со вакцинирање на населението без да ги заврши клиничките испитувања.

Дали вакцините ќе бидат задолжителни?

Повеќето европски земји изјавија дека нема да бидат задолжителни, вклучувајќи ги Германија, Малта, Романија и Бугарија. Францускиот пратеник од редовите на Зелените, Јаник Јадо, предизвика дебата во Франција кога рече дека вакцината треба да биде задолжителна, но неговиот став е исклучок, а не правило.

Колку ќе чинат?

Цената на вакцината сè уште е во голема мерка тајна, вакцината на Оксфорд се очекува да се продава за околу 2 евра по доза и ќе важи до крајот на пандемијата што се очекува во јули 2021 година. Вакцината на „Модерна“ ќе биде поскапа, меѓу 32 и 37 евра. по доза, иако се шпекулира дека цената сепак може да биде нешто пониска – 25 евра.

Слични содржини