Се следи состојбата во Украина – Ковачевски вели дека посветено се работи на мерки за економска поддршка на граѓаните, домаќинствата и стопанството

од Vladimir Zorba

Премиерот Димитар Ковачевски во обраќање до граѓаните денеска рече дека владата ја следи состојбата во Украина и случувањата на глобалната економија и посветено работи на мерки за поддршка на граѓаните, стопанството и домашната економија.

Поради воените дејствија на Русија против Украина, глобалната енергетска и економска криза сега се продлабочува. Нѐ очекува неизвесна година каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети, рече Ковачевски додавајќи дека Владата ќе одговори соодветно.

-Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Сите мои секојдневни разговори со членовите на владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството, рече Ковачевски.

Во обраќањето до граѓаните Ковачевски истакнува дека правилно поставената стратегија на владата во оваа исклучително криза години овозможува сите ресурси да се насочат кон поддршка на граѓаните и стопанството и дека во оваа насока ќе продолжи да делува.

-Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму, вели Ковачевски.

Премиерот Ковачевски рече дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и дека не постои безбедносна закана и додаде дека Владата внимателно ја следи ситуацијата во Украина и редовно ги информира граѓаните.

Слични содржини