Се заоструваат односите: Забрането слетување на „Монтенегро ерлајнс“ на аеродромот во Белград

од Nikola Popovski

Според одлуката на Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија, авионите на црногорската национална компанија „Монтенегро ерлајнс“ немаат дозвола за слетување на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ заклучно со среда, јавуваат од „Ал Џезира“.

Оваа одлука е донесена како контра-мерка на одлуката на црногорските власти да не ги отворат своите граници кон граѓаните на Србија, заради, како што е наведено-коронавирусот.

Во понеделникот црногорскиот премиер Душко Марковиќ објави дека Црна Гора ќе ги отвори своите граници со државите каде што бројот на заразени е помалку од 25 во однос на 100.000 жители, а на списокот се наоѓаат: Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија, Грција.

Брнабиќ ги повика граѓаните на Србија да не го поминуваат летото во Црна Гора

Во образложението на одлуката на Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија се вели дека, со спречување на влегувањето на српски државјани во Црна Гора, сериозно е нарушен принципот на реципроцитет при движењето на патниците меѓу двете земји.

Претходно, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека земјата нема да ги затвори границите за црногорските граѓани, но таа ги повика граѓаните на Србија „да не одат на одмор таму каде што се непожелни“.

„Монтенегро ерлајнс“, исто така, реагираше доцна во вторникот. Компанијата соопшти дека авио-индустријата не треба да зависи од политичките одлуки и дека и покрај ненадејната одлука на Белград, Србија и понатаму е дел од нивните сообраќајни планови, изјавиле од Подгорица.

„Монтенегро ерлајнс“ исто така вели дека ќе се обиде да придонесе за економските последици од епидемијата да се санираат што е можно поскоро.

Слични содржини