Се зголемува веројатноста Тен Хаг да остане на чело на Јунајтед, останува само еден кандидат

од Vladimir Zorba

Веројатноста Ерик тен Хаг да остане на чело на Манчестер Јунајтед е се поголема во последните денови, информира англискиот печат.

Раководните лица на Инеос, кои го презедоа спортскиот и техничкиот менаџмент на клубот во февруари, продолжуваат со рецензијата на минатата сезона, како и на работата на Холанѓанецот во последните две години. Изминативе денови се појавија информации дека имало средби со некои од кандидатите за замена на Тен Хаг на листата, но тие еден по еден се откажале.

Томас Тухел, Маурисио Покетино и Киеран Мекена се поврзуваа со тимот, но тие повеќе не се разгледуваат како опции од различни причини. Тухел дури одржа и состанок со Сер Џим Ретклиф, но двете страни останаа незадоволни од тоа како се одвивал.

Повеќето медиуми на Островот тврдат дека во моментов името на Томас Франк од Барнли се уште не е дефинитивно исфрлено од можните замени. Сепак, се чини малку веројатно дека Инеос ќе го отстрани актуелниот менаџер, кој донесе два трофеи и вкупно три финалиња во последните две сезони, за да го замени со тренер кој минатата сезона заврши на 15-то место во поредокот во Премиер лигата, и вкупно во кариерата нема освоено ниту еден трофеј.

Сепак, изненадувањата не се целосно исклучени, што го потврдува и еден од најсигурните новинари на Албион – Дејвид Орнштајн од „Атлетик“, кој директно во едно интервју изјави: „Веќе се откажав од прогнозите што ќе се случи“.

Слични содржини