Секој од пријавните граѓани за вакцинација ќе добие термини, вели Филипче

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека од 9 илјади закажани термини за вакцинација против ковид-19, вчера на пунктовите низ цела земја дошле 4.500 граѓани.

„Ќе се обидеме денеска да видиме и да го идентификуваме проблемот. Искрено, верувам дека одзивот нема да биде ваков и понатаму. Можеби и затоа што е прв ден, можеби затоа што е почеток на ваков систем за масовна вакцинација. Секој од пријавните граѓани ќе добие термини. Апелирам уште еднаш граѓаните да се пријават на сајтот за вакцинација“, кажа денеска министерот.

Во земјава досега се вакцинирани 66.086, а пријавени се 245.287. Во вкупната бројка не влегуваат околу 15.000 граѓани кои се вакцинираа во Србија.

Министерството за здравство ја информира јавноста дека по серијата информации од граѓани во јавноста, претежно на социјалните мрежи, дека за вакцинација добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат системот Мој Термин направи анализа и ја увиде следната состојба: Граѓаните при закажување на веб страницата vakcinacija.mk сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат, поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале.

Министерството за здравство ги информира сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска, во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град. Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација.

Слични содржини