Секундата, во која Бејрут беше „срамнет со земја“ (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Шокантните фотографии и снимките од експлозијата во Бејрут продолжуваат да кружат на социјалните мрежи, додека во исто време расте бројот на повредени и загинати. Веста за експлозијата го обиколи целиот свет, при што се гледаат ужасни сцени од чад кој се издига и шири низ градот, ранети и безживотни тела на улиците и во урнатините.

Толку беше доволно – една секунда во која градот беше „срамнет со земја“ и повеќе од 3.000 луѓе беа повредени.

Според снимките објавени на социјалните мрежи, чадот најпрво се видел во пристаништето, а потоа градот бил потресен од екстремно силна експлозија, што предизвикало голема штета на околните згради, од кои се рушеле балконите. Поради силата на експлозијата, прозорците од згради, оддалечени неколку километри, паднаа на асфалтот.

Експлозијата што го остави Бејрут во урнатини, дојде во време кога ситуацијата во Либан е веќе дестабилизирана од економска криза што ги оживува и продлабочува старите поделби. Исто така, пристаништето каде се случи експлозијата е столбот на либанската економија, а многумина стравуваат дека кризата ќе достигне целосно нови димензии по денешните настани.

Причината, околностите и повеќе детали за експлозијата се уште не се познати, а според информациите објавени досега од либанската државна агенција „ННА“, експлозијата се случила во делот на пристаништето каде се наоѓаат магацините за експлозиви. Извори блиски до Хезболах ги негираа гласините дека Израел ги целел складиште со оружје, јавуваат израелските медиуми.

Според неофицијалните информации, во експлозиите се повредени и сопругата и ќерката на либанскиот премиер Хасан Диаб, јавуваат медиумите.

Премиерот на Либан го објави утре, среда, ден на национална жалост за жртвите од големите експлозии.

Либанскиот претседател Мишел Аун свика итен состанок на Врховниот совет за одбрана, пренесе АФП.

Слични содржини