Села: Се надевам дека новиот поглавар на ИВЗ ќе биде подалеку од политиката

од Nikola Popovski

Претсадателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, го повика новиот поглавар на ИВЗ, Шаќир Фетаху да стои на страна од политиката, затоа што според него оваа институција досега работела како седиште на ДУИ.

„Поранешниот поглавар на ИВЗ знае подобро под чија контрола бил и што сторил. Скандал е кога политички субјект е вклучен и директно се меша во работите на институција која е уставно независна, државата е секуларна. Политичките субјекти мора да постапуваат во согласност со ова правило и да не се мешаат во работата на верските заедници. Знаевме дека Исламската верска заедница работеше како изборен штаб на Демократската унија за интеграција и тоа беше скандалозно“, вели Села.

Од партијата на Ахмети не сакаа да ги коментираат ваквите тврдења, а во однос на изборите за нов поглавар наведоа дека тоа е внатрешна работа на ИВЗ.

Досегашниот вршител на должноста реис Шаќир Фетаху денеска беше избран за нов лидер на Исламската верска заедница во Македонија.

На денешната седница на ријасетот, Фетаху доби поддршка од 18 муфтии и реководители на исламските верски заедници во земјава, додека неговиот противкандидат Ќани Несими добил три гласа.

Изборите во ИВЗ следуваа шест месеци по смената на долгогодишниот лидер на исламската верска заедница во Македонија Сулејман Реџепи.

Слични содржини