Селин Дион ја откажа светската турнеја поради болест: „Сакам да знаете дека не се откажувам“

од Stefanija Kuzmanovska

Канадската пејачка Селин Дион најави откажување на целата своја светска турнеја „Courage“, бидејќи сè уште не успеала да го контролира синдромот на вкочанета личност што ѝ беше дијагностициран минатата година.

Дион ги откажа сите нејзини концерти закажани за 2023 и 2024 година, поради реткото невролошко нарушување кое е неизлечиво, но чии симптоми можат да се ублажат со одредени терапии, објави „Гардијан“.

„Многу ми е жал што уште еднаш ве разочарувам сите, иако работам навистина напорно за да си ја вратам силата, но турнеите може да бидат многу тешки дури и кога сте 100 проценти здрави“, рече 55-годишната пејачка.

Таа рече дека е најдобро сè да се откаже сега додека не биде целосно подготвена да се врати на сцената.

„Сакам сите да знаете дека не се откажувам и едвај чекам да се видиме повторно“, нагласи Дион.

Пејачката првпат ја откри својата дијагноза минатиот декември, кога ја одложи европската етапа на нејзината светска турнеја „Courage“ за август 2023 година.

Турнејата требаше да започне во Амстердам и да помине низ Европа, а да заврши во Лондон во април 2024 година.

Состојбата, која погодува некаде помеѓу еден и два милиони луѓе ширум светот, предизвикува мускулни грчеви и болна вкочанетост која се влошува со текот на времето.

Слични содржини